Илустрација на диносаурусот „нагатитан чајафуменсис“ / Фото: Handout / AFP / Profimedia

Нов џиновски диносаурус е идентификуван од фосили во Тајланд

Научниците идентификуваа нов вид џиновски диносаурус со долг врат од фосили ископани во Тајланд.

„Нагататитан“, најголемиот диносаурус пронајден во Југоисточна Азија, тежел 27 тони, колку девет возрасни азиски слонови, и бил долг 27 метри (88 стапки), подолг од „диплодокус“. Како и тој диносаурус, припаѓал на семејството „сауроподи“ на тревопасни животни со долг врат, пишува Би-би-си.

Тим истражувачи од Велика Британија и Тајланд го идентификувале видот од фосили пронајдени покрај езерце во североисточен Тајланд пред една деценија.

Тие велат дека откритието фрла светлина врз тоа како промените во античките климатски услови им овозможиле на големите диносауруси да се развијат.

Целосното име на диносаурусот е „нагатитан чајафуменсис“, каде што „нага“ се однесува на змија во фолклорот на Југоисточна Азија, „титан“ се однесува на боговите во грчката митологија, а „чајафуменсис“ доаѓа и „од Чајафум“, покраината каде што се откриени фосилите.

Живеел пред помеѓу 100 и 120 милиони години, околу 40 милиони години порано од тираносаурусот рекс и е околу двојно поголем од тој диносаурус.

Титивут Сетапаничакул, тајландски докторант на Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL), беше водечки автор на студијата што беше објавена во списанието „Саентифик репортс“.

Тој рече дека истражувачите овој диносаурус го нарекле „последниот титан“ на Тајланд, бидејќи фосилите биле пронајдени во најмладата карпеста формација во земјата со диносауруси.

– Помладите карпи поставени кон крајот на времето на диносаурусите веројатно нема да содржат остатоци од диносауруси бидејќи регионот дотогаш станал плитко море. Значи, ова може да биде последниот или најновиот голем „сауропод“ што ќе го најдеме во Југоисточна Азија – рекол тој.

Сетапаничакул, во соопштението за медиумите изјави дека студијата, исто така, „го исполнува ветувањето од детството за именување диносаурус“.

„Нагататитан“ е 14-тиот диносаурус именуван во Тајланд. Палеонтологот д-р Сита Маниткун, од Универзитетот Махасаракам, рече дека земјата има голема разновидност на фосили од диносауруси и е „веројатно трет најзастапен во Азија во однос на остатоци од диносауруси“.

Овој диносаурус талкал по Земјата кога нивоата на јаглерод диоксид во атмосферата на планетата се зголемувале во согласност со високите глобални температури.

Коавторот на студијата, проф. Пол Апчерч, рече дека семејството диносауруси „сауроподи“ станало доста големо во тоа време, изјавувајќи за „Нешнал џиографик“: „Се чини малку чудно што ‘сауроподи’ биле способни да се справат со услови на повисока температура“, бидејќи големите тела ја задржуваат топлината и потешко се ладат.

Тој за новинската агенција „Ројтерс“ изјави дека е „веројатно високите температури влијаеле врз растителната храна што била важна за ‘сауроподите’, кои биле многу крупнотелесни тревопасни животни“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот