Ноќни трки: Полицијата вели се „дупнала“ од работа, а на терен сѐ повеќе сообраќајки и жртви

Сообраќајна полиција /фото: МИА

Полициски билтен Само во изминативе седум дена, повеќе од десет лица се тешко повредени, а четворица лица настрадале на македонските патишта

Сѐ позачестени се ноќните трки на патиштата ширум земјава, а несовесни возачи секојдневно со своите постапки го загрозуваат не само својот туку и животите на другите учесници во сообраќајот.

Ова го покажуваат дневните полициски билтени што известуваат за загинати или повредени граѓани во сообраќајни несреќи. Само во изминативе седум дена, повеќе од десет лица се тешко повредени, а четворица настрадале на македонските патишта.

Причините за сообраќајките се различни, но речиси секогаш виновни се возачите и нивната немарност, како што е непочитување на сообраќајните правила и прописи или управување возило со брзина поголема од дозволената. Жртвите и повредените се на најразлична возраст. Најмладиот повреден има 19 години, а највозрасниот шеесетина години.

Од МВР велат дека оваа година, посебно во изминативе неколку месеци споредбено со минатата година, има намалување на бројот на загинати во сообраќајки.

Од сообраќајната полиција за „Слободен печат“ велат дека сообраќајците во изминативе неколку месеци се „дупнале“ од работа и сѐ повеќе пишуваат сообраќајни казни поради зголемениот број на несовесни возачи. Статистиката вели дека во јуни минатата година загинале 19, а истиот месец годинава загинале девет лица.

– Три клучни фактори се набројани како причинител за сообраќајните несреќи во земјава. Тоа е возењето на возило под дејство на алкохол, непочитување на ограничената брзина и непрописното возење. Само во еден ден се пишуваат од 500 до 600 казни против возачи што не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Во текот на завчерашниот ден Министерството за внатрешни работи спроведе зајакната акциска контрола за санкционирање на возила што се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 591 возач. Од нив, 70 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а 12 возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта – вели портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Од сообраќајната полиција велат дека зголемен е бројот на патроли по улиците и на патиштата, како и бројот на радарски контроли.

– Само на автопатската делница Табановце – Богородица има повеќе од шест радарски контроли плус други патролни единици. Во периодот што престои, уште повеќе ќе биде зголемена присутноста на полицијата низ целата земја – велат од сообраќајната полиција.

Гордана Кожуваровска, претседателка на Републичкиот секретаријат за безбедност на патен сообраќај (РСБПС), вели дека само нула толеранција за лица што возат под дејство на алкохол, нула толеранција за возачите што возат брзо и агресивно и нула толеранција за сите учесници во сообраќајот што грубо и неодговорно ги прекршуваат сообраќајните правила и прописи, ќе доведе до намалување на бројот на повредени и загинати.

– Нашата цел е заштита на животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот, граѓаните тоа го знаат, го препознаваат и ги поддржуваат нашите активности, затоа што тоа е за општото добро на сите. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да демонстрираат повисоко ниво на лична одговорност и да дадат свој личен придонес за побезбеден сообраќај и за помалку настрадани лица на улиците и патиштата во земјава – вели Кожуваровска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот