НМСМ: Општините покажуваат мал интерес за имплементација на Законот за младинскo учество и младински политики

Тинејџери седат во Градски парк / Скопје, септември 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Сè уште не се формирани Национално собрание за млади и Националното советодавно тело за младински политики. Локални младински совети има само во 19 општини, што е само 23 отсто од вкупниот број општини, се посочува во Мониторинг извештајот за имплементацијата на Законот изработен од страна на Националниот младински совет на Македонија – НМСМ. Во извештајот се заклучува дека по повеќе од три години од донесувањето на Законот за младинскo учество и младински политики, во голем дел сè уште не е имплементиран, особено на општинско ниво

Согласно извештајот, општините продолжуваат да покажуваат мал интерес за имплементација на нивните законски обврски, а еден од најголемите предизвици претставува формирањето на канцеларија за млади.

-Само една општина правилно има формирано канцеларија за млади, како место каде младите лица од општината ќе можат да се обратат и да се информираат во врска со прашања поврзани со младите, кои се во надлежност на општината, посочуваат од НМСМ.

Извештајот покажува дека само седум општини, односно само осум проценти од општините, имаат усвоено Локална стратегија за млади, а само четири општини имаат креирано и усвоено акциски план.

-Досега младински центри има во само седум општини, односно во 9 проценти од сите општини. Именувани се 57 службеници за млади во државните институции, а 64 во општините. Процентуално, 79 отсто од општините ја имаат исполнето оваа обврска, стои во извештајот.

Кога станува збор за планирањето на општинските буџети, во 2022 година само седум општини издвоиле конкретни средства за имплементирање на Законот, додека, во 2023 година, 13 општини издвоиле средства за исполнување на нивните обврски.

Податоците за извештајот на локално ниво се прибирани од страна на регионални набљудувачи во периодот од септември 2022 до февруари 2023 преку активно следење на имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики во нивните региони и се споредени со претходниот мониторинг извештај, со цел да се идентификуваат сегментите со најголем напредок во поглед на имплементацијата на Законот.

Мониторинг извештајот за имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики го изработи Националниот младински совет на Македонија, во партнерство со Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип, СФЕРА Интернешнал и Youth Empowerment Platform – YEP, во рамки на проектот „Заедници инклузивни за млади“, со финансиска поддршка од Европската Унија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот