Носач на авиони / Фото МИА

„Њујорк тајмс“: САД потрошија 11 милијарди долари во првите шест дена од војната

Првата седмица од војната против Иран ја чинеше Америка повеќе од 11,3 милијарди долари, според брифингот на Пентагон до членовите на Конгресот, објави денес „Њујорк тајмс“.

Повикувајќи се на анонимни извори кои присуствуваа на брифингот во вторник, весникот наведува дека бројката исклучува многу трошоци поврзани со подготовката за нападот, што сугерира дека конечната бројка на потрошените средства би можела да биде многу поголема.

Службеници на Пентагон претходно му кажаа на Конгресот дека околу 5,6 милијарди долари муниција биле потрошени во првите два дена од конфликтот, што е далеку повеќе од претходните проценки.

Центарот за стратешки и меѓународни студии ЦСИС (CSIS), независен тинк-тенк со седиште во Вашингтон, ги процени трошоците за првите 100 часа од операцијата на 3,7 милијарди долари.

Дел од тие трошоци веќе се предвидени во буџетот, но поголемиот дел односно 3,5 милијарди долари не се предвидени, забележа ЦСИС во студија објавена на 5 март.

Веб-страницата, која ги следи трошоците на САД за војната во Иран во реално време, во четврток наутро околу 8 часот по Гринич презентираше проценка според која вкупниот износ е повеќе од 17 милијарди долари.

Според таа страница, САД трошат милијарда долари дневно. Но, тие проценки не ги земаат предвид долгорочните трошоци, како што се грижата за ветераните или индиректните трошоци од конфликтот.

Центарот за американски напредок КАП, кој ги вклучува овие индиректни трошоци во своите пресметки, процени дека трошоците за војната надминале пет милијарди долари само на четвртиот ден од конфликтот.

„Со сегашното темпо на операции, тринеделна војна лесно би можела да предизвика трошоци што надминуваат десетици милијарди долари“, процени КАП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот