Њујорк против Сан Антонио: Почнува борбата за титулата во НБА
Сан Антонио Спарс ќе биде домаќин на Њујорк Никс на отварањето на НБА-финалето утре наутро во 2:30.
Препорачано
Во регуларниот дел од сезоната, двата тима имаат израмнет меѓусебен скор од 1-1. Никс го добија последниот меѓусебен натпревар со убедливи 114-89 на 1 март, предводени од Микал Бриџис кој постигна 25 поени. Во екипата на Спарс се истакна Вембањама кој постигна 25 поени, 13 скока и 2 асистенции.
Сега, сепак, влогот е далеку поголем. Првиот натпревар од финалната серија ќе означи почеток на битката за шампионскиот прстен, при што двата тима ќе се обидат да испишат нова страна од својата историјата. Сан Антонио е во потрага по шестата шампионска титула и прва од 2014 година, додека Никс го бркаат третиот трофеј и прв од 1973 година.
Неколку часа во вторникот, двата тима тренираа на терените со логото на НБА финалето на средината од паркетот. Даваа интервјуа пред позадина со истото лого и насекаде околу себе гледаа потсетници дека пристигнале до самиот врв.
Можеби изгледаше како нешто вообичаено, но не беше.
Финалето е ново искуство за речиси сите играчи во двата состави, па малкумина навистина знаат како ќе се чувствуваат кога ќе започне 80-тата финална серија во историјата на лигата.
„Се заљубив во кошарката уште како многу мал. Имам фотографии со топка од возраст од која дури немам ни сеќавања“, изјави ѕвездата на Сан Антонио, Виктор Вембањама.
Ова е пресметка каква што би посакал секој маркетиншки тим. Њујорк е еден од најпрепознатливите градови во светот, Никс се легендарен бренд, Спарс се докажана шампионска франшиза, а нивниот најдобар играч е 224 сантиметри високиот Французин Виктор Вембањама, кој веќе ужива огромна светска популарност.
„Тој е најдобриот играч во светот“, рече кошаркарот на Спарс, Стефон Касл, зборувајќи за Вембањама.
„Неверојатно е да го гледате. Работите што ги прави на двата краја од теренот никогаш претходно не сме ги виделе од играч со таква висина. Навистина е посебен“, изјави Брансон.
Спарс до финалето стигнаа по 62 победи во регуларниот дел од сезоната, а во плејофот ги елиминираа Портланд, Минесота и актуелниот шампион Оклахома Сити по драматична серија од седум натпревари.
Никс, пак, пристигнаа до финалето со низа од 11 последователни победи во плејофот, елиминирајќи ги Атланта, Филаделфија и Кливленд.
„Тоа е одличен тим составен од искусни играчи кои не се тука случајно, туку поради долгогодишна работа и посветеност. Секој од нив има различен пат до успехот, но сите се токму таму каде што заслужуваат да бидат“, рече Вембањама.
Единствените играчи во оваа серија кои претходно започнале натпревар во НБА финале се Харисон Барнс од Спарс, кој настапуваше за Голден Стејт, и Микал Бриџис од Никс, кој играше за Феникс.
„Кога добро ќе се подготвите и кога ќе ја следите својата рутина, можете да го третирате финалето како секој друг натпревар и да останете смирени“, смета Брансон.
Некои играчи имаат посебна врска со финалињата иако никогаш не играле во нив. Дилан Харпер е син на петкратниот НБА шампион Рон Харпер, додека таткото на Џејлен Брансон, Рик Брансон, настапуваше за Никс во финалето во 1999 година.
Џордан Кларксон, пак, пораснал во Сан Антонио и како дете одблиску ги следел шампионските паради на Спарс.
„Трчав по играчите за автограми и се фотографирав со нив. Гледав како целиот град оживува кога Спарс играат финале и освојуваат титули. Тоа е неверојатно искуство“, рече Кларксон.
Кога сè ќе заврши, НБА ќе добие нов шампион. Тоа ќе биде осма различна франшиза што ја освојува титулата во последните осум години, серија каква што лигата никогаш претходно не видела.


