Низа спортски и културни настани откажани поради тридневната жалост

фото: Зоран Кардула/Фејсбук

Повеќе културни, забавни и спортски настани кои беа закажани за денеска, утре и во сабота, се одложени и откажани, откако во земјата беше прогласена тридневна жалост поради катастрофалниот пожар во модуларната ковид-болница во Тетово, во кој загинаа 14 луѓе.

Откажани се фестивалите „ Skopje sounds good “, закажан за денеска и „Skopje calling“, кој требаше да се одржи во петок и сабота. Организаторите соопштија дека купените билети ќе може да се рефундираат во текот на следната недела.

Националната галерија на Македонија го откажа вечерашното свечено отворање на изложбата, во чест на седумдесет годишнината од првата постановка во тогашната Уметничка (Картина) галерија. Директорката Дита Старова Ќерими вели дека нема да има свечено отворање вечерва, а делата се поставени во Даут-Пашиниот амам и ќе бидат достапни за јавноста до 13 октомври.

Одложено за понеделник (13.09) е отворањето на изложбата на уметникот Риџет Ферати во галеријата „ Ко-Ра“, при Домот на културата „ Кочо Рацин“, како и сите настани на програмата на Младинскиот културен центар, од денеска до сабота.

Наместо во сабота, натпреварите од третото коло во двете второлигашки фудбалски конкуренции, ќе се одржат во недела, соопшти ФФМ. Истиот ден е закажано и редовното коло во Првата лига.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот