Ниту еден од обвинетите за трагедијата во Кочани не чувствува вина
Ниту еден од 35 обвинети за трагедијата во Кочани не се чувства виновен за смртта на 63 млади луѓе кои загинаа во дискотеката Пулс во март, а над 200 беа повредени. Поголем дел од нив изразија сочувство до семејствата, но не и првообвинетиот Дејан Јованов – Деко, сопственикот на дискотеката. Некои рекоа дека не го признаваат обвинението, а имаше и такви кои сметаат дека е политички монтирано, но и дека се тука за да бидат дел од една поголема бројка на обвинети.
Препорачано
Газдата на дискотеката, кој заедно со другите обвинети се товари за тешки дела против општата сигурност, рече дека не се чувствува виновен.
– Не се чувствувам виновен за кривичните дела кои ми се ставаат на товар – рече Јованов.
Вина не чувствуваат ниту неговиот син и брат Тодор Јованов, кои биле дел од управувањето на дискотеката и другите фирми на Деко.
Додека тие пред судот кажуваа дека не се винвни, дел од блиските негодуваа и велеа „ние ли сме криви“.
Прв сочувство изрази бизнис партнерот на Деко, Митко Стојанов кој рече дека да може неговиот живот би го дал за дел од дечињата кои ги познавал.
Виновна не се чувствува ниту Милка Едровска која преку проектантска фирма ставила потпис за проектот Пулс и вели дека ја чувствува истата болка како и родителите откако изгубила ќерка во сообраќајка.
Огњан Георгиев, еден од обвинетите градежни инспектори смета дека е обвинет за да биде некаква бројка.
-Јас не се чувствува виновен, не знам зошто сум обвинет и не знам што барам тука, јас сум пензионер и да имам некакво дело моето дело е застарено. Јас немам никаква вина и треба да сум слободен, а сум најверојатно обвинет за да бидам некако на број, да не има тука што повеќе, што мислам дека по излагањето на мојот адвокат сакам судот да го земе во обзир неговото излагање и да донесе одлука дека треба да бидам ослободен – рече Георгиев.
И другите градежни инспектори не се чувствуваат виновни.
Поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски, кажа само кратко „не“, на прашањето дали се чувствува виновен.
Нешто поопширни беа неговите следбеници, Николчо Илијев и Љупчо Папазов во чиј мандат се случи трагедијата.
-Ја користам оваа прилика и покрај тоа што бев на погребот на децата, да изразам длабоко сочувство за семејствата на починатите. Не се чувствувам виновен – рече Илијев.
Папазов истакна „не ги разбирам мотивите да сум во вакво конструирано обвинение, не може да се избегне впечатокот за селективноста во обвинението. Не се чувствувам виновен“.
Вина не чувствуваат ниту обвинетите од „Рубикон“ – агенцијата која ја обезбедувала дискотеката, управителот, обезбедувачите и реалниот газда Александар Нацев. Дел од телохранителите рекоа дека спасувале се што можеле.
Обвинетиот Ивица Грозданов не се чувствува виновен, „бев затекнат во објектот, три и пол часа помагав, направив се што можам“.
Обвинетиот Мартин Георгиев не се чувствува виновен и изрази сочувство до семејствата.
„Ние го ризикувавме нашиот живот да спасиме што е можно повеќе луѓе“
Обвинет Стојанчо Димитриев не се чувствува виновен, додаде „чувствувам голема болка и тага, ми загинаа другари како браќа, пријатели и роднини, направив се што можев, криво ми е што не успеав да спасам ѓто е можно повеќе животи, ризикувајќи го и својот живот“.
Вина не чувствуваат ниту поранешните министри од економија и директори на Дирекцијата за заштита и спасување.
Вицепремиерот и поранешниот директор на ДЗС, Шабан Салиу не се чувствува виновен и додаде дека обвинението е политички мотивирано.
Обвинетиот Беким Максути не се чувствува виновен, упати сочувство до семејствата на загинатите и порача: „Во ова обвинение нема никакви директни дејствија кои јас сум ги презел и се поврзуваат со настанот“.
Џеват Селмани, Аднан Џаферовски, Љупчо Грнчиштанов, Ваљон Сараќини, Крешник Бектеши, Џеваир Камбери, Шофкет Хазари, Зоран Николовски, Беким Хаџиу, Арлинда Касапи, Миле Ампов, Блашка Ефтимова, Весна Кузмановска, Емил Митев, Размена Чекиќ Дуровиќ, Александар Нацев – ниту еден од обвинетите не чувствува вина.
Правните лица ММММ КАФЕ ДООЕЛ, РУБИКОН СЕКЈУРИТИ и ВЕНЦИ ПРОЕКТ истакнаа дека не го признаваат обвинението.
Забележлив беше намалениот интерес на јавноста, особено на медиумите. За разлика од првото рочиште денеска присутни беа само десетина медиуми и семејствата на загинатите и претставници на ОБСЕ.
На обвинителна клупа седнаа 37 обвинети – 34 физички и три правни лица, меѓу кои сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедување и државни службеници. Тие се товарат за тешки дела против општата сигурност поради пропусти што директно довеле до трагедијата.
Паралелно со главниот процес, тече и посебна постапка против полициски службеници за давање лажни уверувања и дозволување на работа на дискотеката без исполнети минимално-технички и безбедносни услови. Изминатата недела Обвинителството отвори постапка и против група вработени во УЈП осомничени за мито и злоупотреби поврзани со истиот случај.
Процесот го води судечки совет чиј претседател е судијката Диана Груевска Илиевска.
Тринаесет телефони и еден лаптоп најдени во ќелијата на еден од обвинетите за „Пулс“


