Николовски уверува: Нема калкулации и селективност во разрешувањето на Нора Шаќири

img alt
Љупчо Николовски / Фото: Слободен Печат. / Драган Митрески

Уште во септември до кабинетот на вицепремиерот Љупчо Николовски пристигнала анонимна претставка за тогашната в.д директорка на Националната установа Театар Комедија, Нора Шаќири Марковиќ, во која подносителот пријавил дека таму се казнуваат лица директно со дисциплински постапки кои не се предвидени во статутот на институцијата, откри Николовски во изјава за ТВ21.

Шаќири Марковиќ денеска беше разрешена од функцијата со одлука на Министерството за култура.

Според информациите, оваа смена доаѓа по анонимната пријава за мобинг кој наводно го вршела довчерашната в.д. директорка над вработените. Таа во реакција преку Фејсбук рече дека нејзиното разрешување е неосновано и дека во институцијата не е стигната никаква пријава за вршење на мобинг.

Николовски вели дека нема простор за калкулации и селективност во одлуката за разрешување на Нора Шаќири Марковиќ.

„Подносителот посочува дека лицата се казнети и парично во време на изборен процес. Претставката беше анализирана од страна на мојот кабинет и пратена до соодветната надлежна институција, во случајов, Министерството за култура. Министерството за култура по претставката веднаш се има обратено до Државниот инспекторат за труд за понатамошно постапување по случајот. На 16-ти овој месец, Инспекторатот изврши вонреден инспекциски надзор кај работодавачот, НУ Театар Комедија. Во извештајот од инспекторатот е утврдено дека работодавачот спровел дициплинска постапка и изрекол дисциплинска мерка на работник во време на изборен процес, односно после распишување на локалните избори со што сторил повреда на член 8а став 1 точка 3 од Изборниот законик, но и повреда на член 34 став 1 алинеа 3 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“, вели Николовски за ТВ21.

Тој додава дека кабинетот постапува по сите претставки кои пристигнуваат и ги спроведува до соодветната институција.

„И во овој случај беше доставен до Министерството за култура за понатамошно постапување. Нема простор за било какви калкулации и селективност во постапувањето. Сите сме еднакви пред законите и институциите мора неселективно да постапуваат владеењето на правото е основното начело по кое се водиме“, додава Николовски.

Инаку, на местото на Шаќири беше назначена актерката Магдалена Ризова Черних, која е вработена во Театар Комедија. Вработени во театарот денеска преку видеоснимка порачаа дека не ја прифаќаат новата директорка, која, како што велат, била дел од поранешното раководство во театарот, разрешено поради неправилно работење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот