ПРЕСВРТ | Никола Димитров: Разликите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ја прават државата послаба во очите на Софија
Многу е тажно и во исто време нè ослабува пред меѓународната јавност тоа што сè уште немаме заедничка национална позиција за спорот со Бугарија. Големите разлики меѓу владејачката коалиција и опозицијата особено меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ја прават државата послаба. За жал, од СДСМ, иако имаше признание дека згрешија со измените на Кривичниот законик, немаше такво јавно признание за пакетот со Бугарија од 2022 година. Токму тоа би бил почетокот на градење вистинска национална позиција што ќе нè направи посилни и посериозни и во очите на европските партнери, но и во очите на нашите соседи во Софија во решавањето на спорот, истакна Никола Димитров, поранешниот министер за надворешни работи на Македонија при неговото гостување во емисијата „Пресврт“ на Слободен печат.
Препорачано
-Пакетот од јули 2022 година, во голем дел, излегува надвор од рамките на Договорот за пријателство со Софија. За да се разберат сите димензии, потребни се време и трпение и кај граѓаните, но и кај странските партнери што доаѓаат во земјава. Тие често имаат перцепција дека таму каде што застанавме, таму треба да продолжиме со уставните измени. Но, за да се најде вистинско решение за оваа заплеткана ситуација и конечно да ја ‘запалиме европската машина’, потребна е целосна слика – посочи Димитров.

Тој додаде дека Македонија мора да најде начин да избегне сценарио во кое повторно ќе вложи политички капитал преку уставните измени, а тоа да не резултира со реален напредок кон членство во Европската Унија.
„Мораме да најдеме механизам било преку наш акт, било преку заклучоци на Европскиот совет што ќе гарантира фер процес. Сепак, најголемата гаранција можеме да ја создадеме ние самите, преку начинот на кој ќе се спроведат уставните измени. Можно е, на пример, тие да бидат реверзибилни доколку од другата страна нема добра волја или ферплеј, да можеме да се вратиме чекор назад“, нагласи тој, додавајќи дека за конкретните решенија не може прецизно да се зборува јавно, но дека е важно Македонија активно да бара излез и да не пропушти можен прозорец за проширување на ЕУ.
Димитров смета дека државата и општеството мора да ја преземат обврската за оформување национален консензус околу европското прашање.
Со поранешниот прв човек на македонската дипломатија во студиото на Слободен печат, говоревме и за проширувањето на ЕУ и моментумот на рагионот, геополитичкиот контекст, како и кои би биле алтернативите на Македонија со и без ЕУ.
Повеќе од разговорот со Никола Димитров можете да погледнете во видеото погоре.



