Никогаш не е прерано да се мисли за подоцна

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Тринаесет членки на европската асоцијација на конзервативни десно-центристички партии (ЕПП) – додуша, за сега, без Меркеловата ЦДУ на листата – вчера побараа итно исклучување на партијата Фидес на Виктор Орбан од својата асоцијација. Истовремено, тие побараа и итна реакција на Европската унија кон својата членка Унгарија со соодветни санкции.

Причина? Неодамнешните „султански“ овластувања кои Унгарскиот парламент му ги овозможи на Орбан во борбата против вирусната епидемија. Од Фидес возвраќаат и велат дека се работи за „лов на вештерки“ од страна на нивните колеги од ЕПП и дека драконските овластувања на Орбан се лимитирани само додека трае епидемијата, а потоа демократската контрола во земјата ќе биде вратена во рацете на парламентот. Каде што Орбан и така има неограничена власт.

За Орбан и неговото владеење е веќе доволно речено и напишано. Суспендирањето на демократијата во својата земја е проект врз кој тој неуморно работи со години наназад. Тоа што неговите „сопартијци“ од ЕПП дури сега се чувствуваат повикани да го исклучуваат од своите редови е нивен, а не проблем на Орбан. Просто речено, Орбановиот став, од поодамна, не е претерано да се опише како: „Баш ме заболе!“

Но, во време кога – што би рекол Иван Крастев – по кратка, кризна постапка се укинува и демократијата, а и капитализмот во светот, и кога државата повторно ги добива своите „левијатански“ овластувања и капацитети по кои отсекогаш сонува, Орбан нема да има никаков посериозен проблем да ги исмее, овојпат со силна поддршка на своја страна, барањата за негово „демократско“ санкционирање.

Глобално, здравствената криза (која уште не е ни приближно ескалирана до своите максимални трагични димензии) несопирливо прераснува во најопасната економска криза во последните стотина години и брзо се „прелева“ со мортална закана врз демократијата во светот.

Тоа е контекстот во кој се наоѓа и Македонија. Меѓутоа, во ваквиот несопирлив след на околностите, си мислам дека имаме некаква мала, историска „среќа во несреќа“: што власта, сега и овде, ја предводи на многу нивоа „несовршениот“ СДСМ, а не на многу нивоа „совршената“ ВМРО-ДПМНЕ.

Нормално, со ова тврдење го превземам целиот ризик врз себе да бидам инстантно и јавно масакриран од нашата формална и неформална десничарска пропаганда. Сепак, дури и не чувствувам особена потреба да се бранам и да аргументирам дека демократскиот капацитет на македонската левица во последниве десетина години е далеку поголем од соодветниот таков капацитет на македонската десница – за да скратиме долги елаборации, можеби е доволно само да се наведе дека „живата икона“ на нашата сегашна опозиција, Никола Груевски, се наоѓа на гости и под заштита токму на европската демократска „бабарога“, речениот Виктор. Токму со кого сегашниот лидер на нашата опозиција неодамна се сликаше на несоодветно блиска заразна и политичка дистанца во Будимпешта.

Во таа смисла – Ај рест мај кејс.

Бидејќи кога, за неколку месеци – во оптимистичката варијанта – ќе ја пребродиме здравствената криза, а за неизвесно многу месеци ќе ја преживееме и економската хаварија, обновата на демократијата во земјава има далеку поголеми шанси со СДСМ на власт. Таа задача може да се покаже дека ни со нив нема да биде едноставна, со оглед на „крокодилите“ во нивните општествено-политички и бизнис редови, но кога доаѓала демократската неопходност нив да ги рушиме од власта (уште од падот на комунизмот, фала на прашање) тоа се покажувало како далеку поизводлива слободарска вежба, одошто кога требало да се справуваме со паѓањето од власта на опасните (по живот!) авантуристи од нашата внатрешно-револуционерна десничарска опција. Тоа не е мала, туку многу суштинска разлика од разни здравствени аспекти.

Туку, сефте да ја проживееме коронава, па после, ако се појави потреба, ќе ја рипаме демократската „ограда“ кога ќе стасаме до неа. До тогаш ќе седиме поспокојни и самоизолирани дома, макар и само заради оваа мала, а непроценлива демократска околност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот