Ни за педа не е подобрена состојбата со педијатрите

Педијатар, Фото: Илустрација/Архива

Во Македонија има огромен недостиг на педијатри, проблем што нема да се реши ниту во наредните три-четири години, велат од Здружението на педијатри. Според претседателката на Здружението, професор д-р Аспазија Софијанова, дел од вината лежи во раководството на  претходниот владин состав, за кое оваа гранка не беше толку важна, што сега не е случај.

– Во моментов има недостиг на овој медицински кадар, кој најверојатно ќе трае и во наредните три-четири години, со оглед на временскиот период потребен за специјализација. На Детската клиника на специјализација се околу 60 или 70 млади лекари од различни градови. Тие ќе го покријат недостигот, но во моментов состојбата е таква каква што е – вели д-р  Софијанова.

Таа смета дека Здружението, со помош на министерот Венко Филипче, ќе направи пресврт во размислувањата.

– Немаше стимулација за лекарите. Сега има и се пријавуваат голем број млади, кои сакаат да се специјализираат за оваа област – вели д-р Софијанова.

Одделението за педијатрија во охридската болница ќе работи само во две смени, наместо 24 часа како што беше досега, поради тоа што нема медицински персонал. Отсуството на началничката на педијатриското одделение во Охридската болница и уште една нејзина колешка поради болест, морало да се решава со ротации на лекари на релација Охрид – Струга, вели за „Слободен печат“ д-р Горан Балески, директор на болницата. Според него, имало и по 70 прегледи на ден на децата во Охридскиот регион во текот на летото. Тој додава дека недостиг на специјалисти во оваа област има и во Кичево, Битола и во други градови.

– Проблемот е на ниво на целата земја. Никаде нема педијатри. Немаме ниту лекари да ги пуштиме на специјализација, само едно девојче се пријави. Зошто е така? Најверојатно затоа што педијатријата е исклучително одговорна работа. Во болниците во внатрешноста се случува лекарот да дежура сам. Детето не може да каже што му е, треба да си добар дијагностичар за самиот да процениш за каква дијагноза станува збор, што носи огромна одговорност. Имавме конкурс, молевме, но никој не сакаше да специјализира педијатрија. И во Струга е проблем – ни рече д-р Балевски.

Во меѓувреме, болницата во Охрид ќе продолжи да работи во две смени, но само со двајца педијатри. По 20 часот, сите млади пациенти што ќе побараат преглед или ќе дојдат како итни, ќе бидат препраќани во Струга, 14 километри од Охрид. Пациентите што имаат упат за нервно одделение, ќе доаѓаат од Струга во Охрид, зашто во Струга нема нервно.

– Се обратив во Министерството за здравство со предлог да се објави конкурс само за примање педијатри. Неопходно е државата да ги спои болниците и да има една педијатрија за Охрид и за Струга. Проблемот не е од сега, се знаеше дека работата ќе стигне дотука. Ние сакаме да работиме, ама нема како. Мораме по 22 часот сите деца да ги препраќаме во Струга. И недостигот на анестезиолози е проблем – вели Балевски.

Лекарите што заминале биле искусни, работеле во болницата со децении, а другите сега се во пензија.

– Штом го исполнат минимумот за пензија, сите заминуваат и не сакаат да продолжат ниту консултантски. Клиниката во Скопје навистина „вади“ добри кадри, но си заминуваат во странство. Во Кичево има само тројца педијатри во болницата, а во битолската болница ,,позајмуваат“ педијатри од Прилеп – вели д-р Балевски.

Директорот на охридската болница објаснува дека специјализациите за педијатрија траат пет години. Освен тоа, повеќето што се пријавуваат се жени, кои одат и на породилно боледување и долго се отсутни.

На Одделот за детски болести во Општата болница Охрид се лекуваат болести и заболувања во развојот на децата, се врши дијагноза, третман, превенција и рехабилитација на болни деца од раѓањето до крајот на адолесценцијата. Исто така, се врши прием и тријажа на пациенти со индикации за сите видови испитувања, како и приеми на итни случаи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот