Ни се закануваат дека ќе ни одземат лиценците за работа, ако не се усогласиме со новиот правилник- велат сметководителите

Никаде во Законот за вршење на сметководствени работи не е предвидено Друштвата за вршење на сметководствени работи да имаат обврска да вработат овластен сметководител со полно работно време, сметаат сметководителите

Друштвата за сметководствени работи почнаа да добиваат дописи дека ќе им биде одземена лиценцата за работа, доколку немаат вработено најмалку еден овластен сметководител со полно работно време (управител). Тие добиле рок од 15 дена да се усогласат според новиот Правилник за начинот и постапката за добивање на уверение за сметководител и овластен сметководител од Институтот за сметководители и овластени сметководители на Македонија.

На почетокот на септември, дел од овластените сметководители до „Слободен печат“ се пожалија дека уписот во регистарот е преригорозен и ќе предизвика затворање на поголем број друштва за вршење на сметководствени работи.

Тие побараа Правилникот да биде преиспитан од Министерството за финансии. Правилникот е донесен како интерен акт од Институтот за сметководители и овластени сметководители на Македонија (здружение формирано според закон), стапи на сила на крајот на август и со него се пропишуваат поригорозни услови за добивање на лиценца за вршење на дејност од законски пропишаните.

-Институтот на сметководители и овластени сметководители се заканува со одземање на лиценци за работа врз основа на самоволно донесен правилник. Наместо да ги штити интересите на сметководителите, Институтот на сметководителите чии фирми не се усогласени со Правилникот за упис во регистарот им се заканува со одземање на лиценците.Тоа значи дека стотици сметководители ќе останат без работа и тоа сосема неосновано, спротивно на Законот. Никаде во Законот за вршење на сметководствени работи не е предвидено Друштвата за вршење на сметководствени работи да имаат обврска да вработат овластен сметководител со полно работно време, но Институтот надвор од Законот си носи Правилник за начин и постапка за добивање на уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар, со кој им ја наметнува на Друштвата таа обврска. Реагиравме до Институтот, но и до Министерството за финансии и другите надлежни институции со барање Институтот да не излегува надвор од своите законски овластувања, но без успех. Единствено Комората на сметководители на Македонија застана во одбрана на нашите права и упати допис до Институтот со повик своите интерни акти, постапки, процедури и барања да ги усогласи со Законот за вршење на сметководствени работи — вели за „Слободен печат“, М-р Сашо Цветановски, овластен сметководител и граѓански активист.

Според Цветановски, во Законот никаде не стои дека како управители мора да бидат пријавени на полно работно време во Друштвата за вршење на сметководствени работи, а Институтот сега тоа го бара од нив.

-Прашуваме јавно, како сега ќе отворат своја фирма младите? Да му се бара на млад човек, во старт да работи со полно работно време и да обезбеди соодветни просторни и други услови и да ги плаќа сите други давачки во полн износ, тоа значи дека во иднина со оваа професија ќе се занимаваат само оние млади кои ќе го наследат сметководственото биро – смета Цветановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот