Сашо Пивкоски / Фото: Фејсбук

Независниот кандидат во Могила, Пивковски, се повлече преку „Фејсбук“: „ВМРО-ДПМНЕ е мојот политички дом“

„ВМРО-ДПМНЕ е мојата партија, мојот политички дом“, вели „независниот“ кандидат кој практично му ја предава победата на актуелниот градоначалник и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Драганчо Саботковски

Независниот кандидат за градоначалник на Општина Могила, Сашо Пивковски, преку статус на „Фејсбук“ соопшти дека се повлекува од учеството во вториот изборен круг, практично отстапувајќи му ја победата на актуелниот градоначалник и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Драганчо Саботковски.

Откако во вториот круг влезе како независен кандидат, Пивковски сфатил дека „силата е во заедништвото“ и дека „ВМРО-ДПМНЕ е негов политички дом“. Тој напиша дека „по внимателно размислување и бројни разговори со многумина“, одлучил да ја повлече својата кандидатура од изборната трка.

„Ова не беше лесна одлука, но верувам дека е исправна и чесна во овој момент – во интерес на нашата општина и на сите граѓани што живеат во неа. Во изминатиот период слушнав различни мислења, совети и размислувања. Сфатив дека политиката не смее да создава поделби меѓу луѓето, особено не меѓу пријатели и семејства. Нашата сила е во заедништвото, не во поделбите. „ВМРО-ДПМНЕ е мојата партија, мојот политички дом“, пишува Пивковски во објавата.

Пивковски додаде дека како член на ВМРО-ДПМНЕ, секогаш се водел од идејата за чест, работа и почит кон луѓето. Така било и ќе остане, пишува тој. Тој најави дека ќе продолжи да го поддржува „сето она што е интерес на граѓаните и на вредностите за кои се залага оваа организација“.

„Понекогаш, вистинското лидерство не се покажува само кога чекориш напред, туку и кога знаеш кога треба достоинствено да застанеш на страна, за да не му наштетиш на она што го сакаш и почитуваш. Свесен сум дека оваа вест ќе изненади многумина, но ја носам со мирна совест и со чувство на одговорност. Убеден сум дека ова е најдоброто нешто што можев да го направам во овој момент. Ќе продолжам и понатаму да бидам тука – достапен, искрен и подготвен да помогнам секогаш кога ќе има потреба. Вашата поддршка, доверба и добри зборови ќе останат нешто што длабоко го ценам“, напиша Пивковски на фб.

Од ДИК појаснуваат дека законот не препознава „откажување“ на кандидатурата, откако таа е веќе потврдена од изборните органи. Спорно е и откажувањето преку „Фејсбук“, но дури и Пивковски да поднесе официјално барање до ДИК, неговото име сепак ќе биде на гласачкото ливче во вториот круг.

Независниот кандидат за градоначалник на Општина Македонски Брод, Милосим Војнески, кој влезе во вториот круг, вчера исто така преку социјалните мрежи објави дека се откажува од изборната трка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот