„Незамислива трагедија“: Познатите се простуваат од баритонот Ристе Велков
Колегите и пријателите се збогуваат од еден од водечките баритони во Националната опера и балет, Ристе Велков и неговиот 20-годишен син Адам.
Препорачано
Тие се двајца од четворицата загинати во трагичната сообраќајна несреќа што се случи ноќеска на скопската обиколница.
„Светол пат Ристе, трагедија“, напиша оперската примадона Весна Ѓиновска-Илкова.
„Почивај во мир колега Ристе Велков. Незамислива трагедија што ја потресе целата музичка и човечка јавност… Замина првенец на Македонската опера заедно со својот син во страшната сообраќајна несреќа синоќа… Искрено сочувство до семејството, блиските и сите колеги… Нека почиваат во мир, Царство небесно“, напиша оперскиот пејач Мариани Џовани.
Од Велков се прости и Факултетот за музичка уметност.
„Со шок, тага и неверица ја примивме веста за трагичната смрт на нашиот алумни и првенецот на Македонската опера и балет, баритонот Ристе Велков (1975-2026), кој го загуби животот во страшна сообраќајна несреќа. Ристе Велков беше еден од водечките македонски баритони и еден од најхаризматичните оперски солисти. Изразуваме искрено сочувство до неговото семејство, колегите, пријателите и сите што го познаваат и почитуваат. Слава му“, стои во објавата на ФМУ.
„Вечна слава, Ристе. Нека ви е светол патот, на тебе и на твојот син. Голема загуба за семејството и за твоите колеги од МОБ, како и за целокупната македонска култура. Длабоко сочувство до сите. Нека почивааат во мир сите жртви на стравичната сообраќајна несреќа. Многу е страшно ова, многу! Колку невини луѓе гинат секојдневно во Македонија, толку не гинат ниту во услови на војна“, напиша Бранка Костиќ-Марковиќ, музички новинар и етномузиколог.

Ристе Велков беше оперски солист првенец, еден од водечките македонски баритони кој заслужено го носеше епитетот – италијански баритон со кадифена боја.
Во несреќата загина и 20-годишниот Петар Миланов од Скопје и уште една жртва, чиј идентитет сè уште не е утврден.
76-годишен возач од Косово со камионот ја пробил заштитната ограда меѓу лентите на автопатот и директно се судрил со автомобилот во кој се возеле загинатите, кој се запалил и целосно изгорел.
Баритонот Ристе Велков и неговиот син Адам се меѓу загинатите во трагичната несреќа на обиколницата
МОБ се прости со првенецот Ристе Велков: Изгубивме исклучителен уметник


