„Њујорк тајмс“: Нетанјаху брза со ударите врз Иран поради страв дека Трамп ќе ја запре војната
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху наредил засилени воздушни удари против Иран во следните 48 часа, со цел да уништи што е можно поголем дел од иранската воена индустрија, а сето тоа поради страв дека Вашингтон би можел да иницира прекин на огнот, пишува „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на четворица извори запознаени со ситуацијата.
Препорачано
Директивата дојде откако владата на Нетанјаху доби копија од американскиот нацрт-план од 15 точки за завршување на војната, заклучувајќи дека со планот не се решаваат соодветно прашањата за нуклеарната програма и балистичките ракети на Иран. Израелските власти наводно стравуваат дека американскиот претседател Доналд Трамп би можел да го објави почетокот на мировните преговори во секое време.
Портпаролката на Белата куќа, Керолин Левит, во меѓувреме повика на претпазливост во врска со наводниот план.
Таа рече дека го видела планот кој се цитира во медиумите, но дека Белата куќа никогаш не го потврдила.
„Има елемент на вистина во тоа, но некои од приказните што ги прочитав не беа целосно фактички точни“, додаде таа.
Нетанјаху ја издаде наредбата во вторник за време на состанокот во воениот штаб откако високи команданти го информираа за преостанатите достапни цели. Брзањето, според петмина израелски претставници за национална безбедност, одразува клучно ограничување со кое се соочува Израел во конфликтот.
Одлуката за завршување на војната е целосно во рацете на претседателот Трамп, оставајќи му на Нетанјаху малку простор да влијае на исходот. Сепак, меѓу израелските претставници не постои консензус. Додека некои бараат барем уште една недела за да се нападнат повеќе цели во Иран, други повикуваат на брз крај на конфликтот.
Загинати повеќе од 1.340 луѓе
Тројцата функционери рекоа дека најзначајните воени успеси се постигнати во првата недела од војната и изразија загриженост за меѓународното јавно мислење, финансиските трошоци од војната и растечкиот психолошки и физички данок врз израелското население.
САД и Израел го напаѓаат Иран од 28 февруари, а во конфликтот загинаа повеќе од 1.340 луѓе, вклучувајќи го и тогашниот врховен лидер Али Хамнеи.
Иран возврати со напади низ целиот регион, нарушувајќи ги глобалните испораки на нафта и воздушниот сообраќај. На почетокот од оваа седмица, Трамп ги откажа нападите врз иранската енергетска инфраструктура, а индиректните контакти меѓу САД и Иран преку посредници наводно продолжуваат.


