Несторовски се радуваше против Трајковски, Славен Белупо преку пенали до полуфинале
Славен Белупо обезбеди место во полуфиналето од Купот на Хрватска откако по драматична пенал-серија ја елиминираше Локомотива. Натпреварот донесе и директен дуел меѓу двајца македонски напаѓачи, Илија Несторовски и Александар Трајковски, а по регуларниот дел резултатот беше 1-1.
Препорачано
Несторовски го одигра целиот натпревар од 120 минути во дресот на Славен Белупо, додека Трајковски се појави на теренот во 72. минута како замена од клупата.
Гостинскиот тим поведе во првото полувреме преку Каменовиќ, но домаќините набрзо по паузата успеаја да израмнат и да го вратат натпреварот во неизвесност.
По истекот на регуларните 90 минути резултатот остана 1-1, а мрежите мируваа и во дополнителните 30 минути, па победникот мораше да се решава од белата точка.
Во пенал-серијата прецизни беа и двајцата македонски репрезентативци. Сепак, Славен Белупо реализираше повеќе удари, иако промаши еден пенал, додека фудбалерите на Локомотива не успеаја да погодат двапати, што им го отвори патот на домаќините кон пласман во полуфиналето.


