Неславен резултат на натпреварот Шкупи – Левски: 21 приведен – 1 повреден

Ковачевски и Спасовски во Аеродром/Фото: Влада на РСМ

Спортските настани треба да бидат места за уживање, а не места во кои ќе се продуцира насилство, порачува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по вчерашниот инцидент во Чаир меѓу бугарските навивачи на гостинската екипа ФК Левски и навивичи од домаќинот ФК Шкупи во кој со нож е повреден еден бугарски навивач. Приведени се вкупно 21 лица, 19 се бугарски државјани, а двајца македонски кои биле дел од навивичката група Шкупи.

-Тоа вчера беше резултат на хулигани и луѓе коишто немаат никаква врска со спортот и од едната и од другата страна. На агреготорите на вестите ќе видите се` само не колку бил резултатот од натпреварот, а фудбалерите се дојдени да играат фудбал заради вистинските навивичи. Тоа што вчера се случи беше уште еден доказ дека фудбалот и било кој друг спорт треба да се остави на спортистите и на вистинските  навивачи, а не хулигани кои ги премаат и настаните пред и после утакмиците и после тоа ги преземаат сите вести и никој не зборува кој фудбалер како играл, туку сите зборуваат кои се тие десетина, 15- 20 лица кои се тепале и меѓу себе и повредиле и полицаец на којшто благодарение на докторите повредената му е санирана и пуштен е на домашно лекување, рече премиерот Димитар Ковачевски коментирајќи за вистинскиот резултат од натпреварот кој Шкупи го загуби со 2 гола примени на домашен терен.

Според Спасовски закажаниот меч бил оценет како настан од висок ризик и биле преземени повеќе мерки. Вчера во повеќе делови од градот, посебно во центарот беше забележливо зголемено полициско присуство.

-Од почетокот до завршување на натпреварот практично и да немаше никаков инцидент. На почетокот на мечот при влегувањето имаше една група навивачи дојдени од соседна Бугарија кои практично се однесуваа насилно кон припадниците на македонската полиција. Сите навивачи кои пристигнаа организирано на граничниот премин Деве Баир, од таму се преземени и во полициски кордон се пренесени во самиот стадион. Меѓутоа имало веројатно неколку возила кои доаѓаат сосема неорганизирано и при поминувањето во Чаир преку одредена  провокација што ја прават настанува конфликт при што има едно лице повредено. Таму се веќе идентификувани напаѓачите и моментално колегите работат и очекувам за скоро време да ги добиеме деталите, нагласи министерот Спасовски.

Во врска со инцидентот бугарскиот амбасадор синоќа испрати дипломатска нота до МНР, на што министерството според премиерот, соодветно ќе одговори.

ОЈО го расчистува случајот

Основното јавно обвинителство веќе поведе постапка за идентификација на лицата кои вчера учествуваа во инцидентот во Чаир, кога беше прободен навивач на фудбалскиот клуб Левски од Софија. Се работи за две бугарски возила кои се движеле во близина на трговскиот центар “Чаирчанка”, каде влегле во вербална расправија со случајни минувачи и граѓани.

-Бугарските навивачи ги запреле возилата и излегле од нив, по што вербалната расправија преминала во физичка пресметка со група граѓани кои излегле од околните објекти. При враќање во автомобилот, 29-годишен бугарски државјанин бил повреден со остар предмет во абдоменот. Кај него е констатирана тешка телесна повреда и е хоспитализиран. По извршена хируршка интервенција, тој е во стабилна состојба – соопштија од Обвинителство од каде посочија дека за расчистување на случајот се обезбедени видеозаписи од околните објекти и од камерите на системот „Безбеден град“, како и други дејствија.

Обвинителството е извесено и за останатите инциденти поврзани со навивачи на ФК Левски и тие се процесуирани прекршочно.

Бугарските медиуми за инцидентот

Бугарските медиуми пишуваат за инцидентот и пренесуваат и пренесуваа сведоштво на пријател на повредениот бугарски навивач.

„Околу 18 часот бевме на влезот во Скопје. Пред тоа беа детално проверени сите бугарски автомобили за присуство на оружје, кордон тргна да не придружува, но на автопатот се раздвои и не бевме добро чувани. Пред еден свиок, ми пријде возачот на вториот автомобил, застанавме и ме праша „Знаеш ли каде одиме?“, а јас му реков „Да, на рутата што ни ја даде „Левски“ застана патрола до нас и ги прашавме „Десно ли“ и тие рекоа „Да, продолжи, продолжи“. Токму ова беше патот до излезот за Чаир“, изјави за Нова Петар Бозов, пријател на избодениот Бугарин кој е ИТ специјалист по професија и работел во телекомуникацискиот сектор

Според медиумите Петар е адвокат кој има своја канцеларија и во Скопје дошле со неколку автомобили, но не како дел од организирана навичка група. Петар  негирал дека учествувал во организирани тепачки.

„Македонската полиција многу добро виде колку бугарски автомобили скршнаа и завршија во предметното опасната населба“, додава тој.

„Тогаш започна кошмарот. Околу нас се собра огромна толпа мажи со албанско потекло. Удраа по колите и таму го избодеа и Драгомир. Бевме тепани со метални предмети и лименки“, сведочи Петар.

Избодениот Драго, според него не е животна опасност па ги повика бугарските власти да помогнат во неговото лекување и транспортирање во Бугарија.

Тврди дека во полициската станица немале обезбеден преведувач за време на сослушувањето, па преводот го правел бугарскиот амбасадор во Скопје.

Бугарските медиуми повикувајќи се на разни соговорници резимираат дека корените на тензијата се многу подлабоки.

-За жал, од политичко ниво тие се префрлени во секојдневниот живот“, смета бугарскиот професор Александар Маринов.

Инаку реванш натреварот  од второто квалификациско коло во Конференциската лига, Европската фудбалска унија (УЕФА) помеѓу Левски и Шкупи ќе се игра на 3 август во Софија од 19.00 часот по локално време.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот