Нема вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски останува лидер на партијата (ВИДЕО)

Централниот комитет едногласно го одби мојот предлог за свикување на вонреден конгрес на кој што нема да се кандидирам и со тоа ми даде полн легитимитет да продолжам да раководам со ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев се повлече од местото Генерален секретар на партијата, а Вело Марковски нов член на Извршниот комитет, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Посочи дека на вечерашната седница на Централниот комитет имале отворена дискусија за неговото речиси тригодишно управување со партијата.

– Јас на сопствено барање поднесов предлог за свикување на вонреден конгрес на кој што нема да се кандидирам. Централниот комитет, откако ја напуштив салата, го одби едногласно моето барање и не се согласи со ваквиот предлог. Со тоа ми даде полн легитимитет да продолжам да раководам со ВМРО-ДПМНЕ, изјави Мицкоски.

Предложив, посочи тој, нов состав на Извршниот комитетет, кој го сочинуваат потпретседателите Александар Николовски и Владимир Мисајловски, поранешниот пратеник Иван Иванов, како и членовите кои по функција се дел – претседателот на Унија на млади сили Сергеј Попов и координаторот на пратеничката група Никола Мицевски.

Останатите членови на ИК се Гордана Димитриевска Кочовска, која беше заменик технички министер во Министерството за финансии. Рашела Мизрахи, која едно време беше технички Министер за труд и социјала. Стефан Андоновски, кој досега беше советник во мојот кабинет. Марија Андоновска, докторант на стоматолошкиот факултет. Олга Лозановска, доктор и пратеник во Собранието. Понатаму Дафина Стојановска, која и досега беше член, Вело Марковски, Трајко Славевски, Владимир Ѓорчев, Драган Ковачки, Коце Трајановски, Кирил Пецаков и Антонио Милошоски, изјави Мицкоски.

Поради лични причини, нагласи тој, се повлече досегашниот генерален секретар на партијата Игор Јанушев.

– Во наредниот период ИК ќе биде проширен и со нови членови, нов генерален секретар, нов претседател на Унија на жени и нов претседател на Унија на ветерани. ВМРО-ДПМНЕ е столбот на државноста на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ има една единствена цел, а тоа е победа на мафијата, неправдите и злото наречено власт на Зоран Заев, изјави Мицкоски.

Нагласи дека проблемот не е Христијан, туку ВМРО-ДПМНЕ, кое е дел од македонскиот идентитет и целта е тој да биде урнисан, за многу полесно да се урне и куќата.

Најави дека ќе продолжат протестите и во наредниот период, за кои, рече дека се елементарно право.

– За се што не се согласуваме ние имаме право да протестираме и ќе продолжиме да протестираме. Се додека овие самобендисани мафијаши во владата мислат дека се знаат ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните ќе продолжи да протестира, изјави Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот