Гаши брифинг со новинари Фото: Фејсбук Собрание

Нема веќе бегање – и Коцевски и Кривичниот стасаа на дневен ред!

Пратениците ќе работат турбо до крајот на годинава, бидејќи ќе се одржат најмалку четири пленарни седници. Освен денешната, на 23 декември е годишното обраќање на Гордана Сиљановска-Давкова, на 24-ти изборот на новите министри, а на 25 декември се закажани редовните пратенички прашања.

Разрешувањето на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, измените на членот 353 од Кривичниот законик, законот за Судски совет, Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ против мигрантите, како и измените на Законот за прекршоци во рамките на системот „Сејф сити“, се само дел од законите што ќе се најдат на утрешната пленарна седница, информираше претседателот на Собранието Африм Гаши на брифинг со новинарите.

Пратениците ќе работат „турбо“ до крајот на годинава, бидејќи ќе се одржат најмалку четири пленарни седници. Освен утрешната седница, на 23 декември пред пратениците е годишното обраќање на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, на 24 декември ќе биде изборот на новите министри за животна средина и за европски прашања, а на 25 декември се закажани редовните пратенички прашања.

По една година, разрешувањето на Коцевски на пленарна седница

 

– Декември ќе биде поинтензивен, ќе имаме наплив на закони и се надевам дека ќе успееме сè да сработиме. Не очекува по интензивна работа до крајот на годинава. Пристигнат е предлогот од Владата за разрешување на јавниот обвинител, доставен е до пратениците и најверојатно утре ќе биде на седница. Ако денеска го дополниме дневниот ред, веднаш ќе го известиме Коцевски за да присуствува на седницата – рече Гаши.

Љупчо Коцевски /фото: Слободен Печат / Слободан Ѓуриќ

 

Ова значи дека по речиси една година од најавата, разрешувањето на Коцевски конечно ќе се најде на дневен ред пред пратениците. Владата минатата недела го усвои предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител „поради направени крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство, што доведува до нарушување на ефикасноста и функционалноста на ЈО“.

Неовластено изнесување информации, податоци за судски предмети, со што ја повредил обврската за тајноста на постапката во согласност со закон. Нарушување на угледот на Јавното обвинителство и на неговиот личен углед, не постапувајќи во согласност со обврските предвидени со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот – изјави тогаш портпаролката на Владата, Марија Митева.

Гаши не прецизира колку ќе трае постапката за избор на нов јавен обвинител, кој според процедурата ќе се избира на оглас.

– За нас како држава е многу битно што побрзо да избереме јавен обвинител – рече Гаши.

Коцевски неодамна изјави дека ќе дојде на собраниската седница за негово разрешување и дека пред пратениците ќе го каже својот став. Тој неколкупати повтори дека работел професионално и дека барањето за негово разрешување е политичко.

 

Цајтнот и за членот 353 од Кривичниот законик

На седницата, опозициските пратеници два часа ќе поставуваат пратенички прашања. Според најавата на Гаши, пред пратениците конечно се очекува да се најдат и измените на Кривичниот законик (КЗ) во делот на членот 353, односно да се вратат старите одредби од КЗ. На пратениците сега им се брза за КЗ, бидејќи Уставниот суд неодамна предупреди дека доколку до крајот на годинава не се уреди членот 353 и не биде изгласан во Парламентот, ќе го укине тој член, по што ќе настане правна празнина и неказнивост на кривичните дела поврзани со злоупотребата на службената должност. Станува збор за членот што го измени претходната власт и со чие ублажување се предизвика намалување на казните и ослободување од гонење на бројни сторители на такви кривични дела.

Претседателот на Собранието најави и дека доколку во текот на денот биде поднесена резолуција против мигрантите, за неа пратениците ќе расправаат на новата седница.

– Ако денеска биде поднесена, можно е утре да биде на седница, секако по разговор со координаторите. Станува збор за активна тема и сигурно дека ќе сакаат да веднаш да се реагира – изјави вчера Гаши.

Никола Мицевски Фото: Принтскрин

Пратениците од владејачкото мнозинство поднесоа Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција, составена од девет точки. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски вели дека со Резолуцијата еднаш засекогаш ќе се стави крај на манипулативната тема со мигрантите.

– Со оваа Резолуција потврдуваме дека Владата и Собранието никогаш нема да дозволат да се преговара за мигранти. Граѓаните да бидат спокојни, ВМРО-ДПМНЕ се грижи за безбедноста на народот. Резолуцијата ја поднесовме денеска и очекуваме веќе утре да се најде на дневен ред – рече Мицевски.

Тест за Бадентеровото мнозинство

Од законите од реформската агенда, засега само два се во собраниска процедура, и тоа законот за судски совет и законот за јавни патишта. Гаши информира дека на координација со координаторите на пратеничките групи се договориле да се формира работна група за Изборниот законик и дека шесте пратенички групи до следната недела ќе треба да достават по двајца претставници, а во работното тело ќе учествуваат и независните пратеници. Со работната група најверојатно ќе претседава претседателот на Собранието. Работната група ќе работи на новиот Изборен законик, кој во Собранието треба да биде доставен по повторените локални избори на 11 јануари.
Гаши информира дека се чека да се формира и Анкетната комисија за трагедијата во Кочани, иницирана од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратениците се во временски теснец и за изборот на новиот народен правобранител, бидејќи на 1 јануари истекува депонираниот потпис на заменикот народен правобранител, со што оваа институција е во ризик да остане целосно обезглавена.

Африм Гаши, претседател на Собрание Фото: Собрание Фејсбук

– Имавме допис од заменик народниот правобранител и ги известив координаторите дека сме во временски цајтнот и дека ќе треба да делуваме брзо. Таа точка е ставена на дневен ред на една од седниците кои не се завршени. Ќе видиме ако може деновиве да постигнеме консензус. Ако е решение смена на кандидатот за народен правобранител, тогаш нека има политички договор тој да се откаже. Тоа е работа на договор меѓу партиите – рече Гаши.

Изборот на нов народен правобранител заглави, бидејќи опозициската ДУИ не гласаше за предлогот на власта, и со тоа не беше обезбедено Бадентерово мнозинство кое е нужно за овој избор. Токму изборот на новиот народен правобранител ќе биде тест дали владејачкото мнозинство обезбедило Бадентерово мнозинство, кое потребно и за новиот закон за судскиот совет, за изборниот законик и за законот за локална самоуправа.

 

Собранието нема да расправа за одземање на имунитетот на Јанчев

Гаши информира дека Собранието нема да расправа за одземање на имунитетот на пратеникот на Левица Сашко Јанчев, бидејќи барањето не е од надлежна институција. Тој информира дека барањето е доставено до Комисијата за мандатно имунитетски прашања, но дека очекува Комисијата да не го стави на дневен ред.

Пратенички прашања во собрание - 31,07,2025 - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Пратенички прашања во собрание – 31,07,2025 – Фото Слободен печат – Методи Здравев

– Според Деловникот, не може да се стави точка на дневен ред за одземање на имунитет ако барањето не е од надлежен орган. Очекувам така да биде направено. Ако се постапи поинаку ќе биде неделовнички и ќе мора јас да реагирам за да се испочитува Деловникот. Ако точката помине без усвојување на дневен ред, во тој случај ќе ја поништам седницата и тие одлуки ќе бидат неважечки – рече Гаши.

Сашко Јанчев на чекор да остане без пратенички имунитет

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот