Нема шанси за вонредно зголемување на минималецот, компаниите немаат сила
Нашата цел е стабилна економија и реален раст, кој се темели на продуктивноста, која за жал не е на потребното ниво за да дозволи повисоки плати, објасни министерот за економија и труд Бесар Дурмиши
Методологијата на новата просечна потрошувачка кошничка што ја изработи Министерството за економија и труд е готова и испратена до синдикатите и работодавачите, од кои се чекаат евентуални предлози или критики, соопшти министерот Бесар Дурмиши, додавајќи дека сепак нејзиното објавување нема да стартува од почетокот на 2026 година.
Препорачано
-Доколку не добиеме одговор од нив, ќе почнеме да ја објавуваме кошничката секој месец. Методологијата е изработена од релеватни институции и сметаме дека ќе ги одрази реалните потреби на граѓаните – додаде Дурмиши.
Тој уште еднаш го повтори ставот дека Владата не е против зголемување на минималната плата, но нема простор за нејзино енромно зголемување, оти тоа ќе им нанело финансиски тешкотии на малите и средни претпријатија и на трудоинтензивните дејности.
-Се што ќе договорат синдикатите и работодавачите ќе го почитуваме, но нема шанси за вонредно зголемување на минималецот. Тој во март ќе порасне согласно законската формула, за која впрочем се изјаснија социјалните партнери. Нашата цел е стабилна економија и реален раст, кој се темели на продуктивноста, која за жал не е на потребното ниво за да дозволи повисоки плати – објасни министерот.
Тој најави силна економска агенда на Министерството за економија и труд во 2026 година и пред се старт нха два многу важни економски закони.
-Од први јануари стартува Законот за вработување на сезонски работници, со кој пензионерите и студентите ќе можат да работат сезонски- периодично без да ги загубат своите социјални права. Се надеваме дека на овој начин ќе се намали сивата економија на пазарот на трудот и многумина ќе прејдат во легалната сфера. Од истиот датум ќе стартува и Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој ќе отвори повеќе работни места и ќе овозможи економски раст кој се базира на продуктивност. Со овој закон се уредуваат видовите, висината, условите, начинот и постапката за доделување на финансиска поддршка на инвестициите на деловните субјекти кои ќе инвестираат во државава, со шема на помош согласно прописите со кои се уредува контролата на државната помош. Министерството за економија и труд ќе води евиденција за склучените договори за доделување на финансиска поддршка и во име на давателот на финансиската поддршка, еднаш годишно, доставува годишен извештај до Комисијата за заштита на конкуренцијата, како и до Владата – соопшти министерот Дурмиши.


