Нема пропусти во Апелација при постапувањето во предметот „Таргет-Тврдина“, одлучи Судскиот совет

Судски совет/Фото: Слободен печат-Слободан Ѓуриќ

Судскиот совет на денешната седница едногласно усвои извештај од работна посета на Апелација Скопје во кој стои дека судиите не одолговлекувале намерно еден предмет од висок јавен интерес, кој подоцна застаре со измените на Кривичниот законик. Иако членовите на Советот во дискусиите беа многу внимателни да не откријат за кој предмет станува збор, од изнесеното може да се заклучи дека извештајот се однесува на постапувањето на апелациските судии во предметот „Таргет-Тврдина“, во кој за незаконското прислушување на граѓаните беа обвинети и неправосилно осудени поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков (12 години затвор), поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска (4 години), како и поранешни вработени во УБК и МВР, меѓу кои и избеганите разузнувачи Горан Грујевски (15 години) и Никола Бошковски (15 години).

Извештајот пред Судскиот совет го презентираше членот судија Ивица Николовски кој во време на посетата на Апелација Скопје бил вонредно поставен за координатор на овој суд. Тој рече дека во извештајот е дадена фактографија на преземените дејствија од страна на судиите кои постапувале, кои преземале процесни дејствија и одлучувале во овој оредмет.

– За потсетување, причина за овој извештај беше негодувањето на учесниците во оваа постапка и допрениот глас од јавноста дека овој предмет се одолговлекува намерно, за да се исполнат условите за застарување. На една од нашите средби донесовме заклучок да формираме работна група, да се направи увид во сите списи и да се провери и утврди дали има субјективен елемент и дејствија преземени од субјективен карактер со цел оваа постапка да биде неоправдано одолговлекувана, со што паралено се создаде можност да дојде до примена на измените и дополнувањата на Кривичниот закон. Во извештајот се презентирани преземените дејствија по датум и време од основниот и од апелациониот суд. Од увидот во списите ние како работна група констатиравме дека дејствијата се превземени согласно одредбите од Законот за кривична постапка, имало временски период, протек на време, пократок или подолг, небитно, но сè е од оправдани причини, нема присуство на субјективен елемент на кој било од судиите со цел постапката да се одлговлекува. Предлогот на работната група од увидот е дека нема пропусти во постапувањето на судиите од Апелациониот суд Скопје – рече Николовски.

Во работната група освен Николовски, учествувале и судијата Мирсад Сурои и сега веќе пензионираниот член на Советот, судијата Мери Радевска.

Во дискусијата по презентирањето на извештајот членовите што се јавија за збор рекоа дека извештајот е исцрпен, а сите дејствија на судиите се опишани.

– Јас можам да заклучам дека нема пропусти кај судиите – рече членот судија Антоанета Димовска.

Членот на Советот Павлина Црвенковска исто така рече дека во извештајот, во кој детално се наведени сите преземени дејствија од сите странки во постапката, нема пропусти од судиите.

Членот Тања Чачаровска Илиевска истакна дека нема причина да не верува во напишаното во извештајот.

– Од она што е наведено не може да се видат пропусти од страна на судиите, особено што овој предмет во јануари или февруари 2023 година е прераспределен и даден кај друг судија, преземени се дејствија согласно закон. Немам причина да не верувам во она што е доставено од работната група и нема што да им се стави на товар на судиите известители што работеле на конкретниот предмет – рече Чачаровска Илиевска.

Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева рече дека нема дилеми дека нема пропусти од страна на судиите.

– Измените на Кривичниот законик се друга работа и тоа не е во наша надлежност – рече Дамева.

Заменик-претседателот Ханиф Зендели, пак укажа дека има техничка грешка во извештајот, односно дека не е напишано името на некој судија, внимавајќи да не открие за кој судија се работи.

– Немам забелешки за извештајот, но технички, на втората страна за составот на судечкиот совет, има само презиме, нема име на судијата, нема да го споменам, ќе го видите на страна 2 – рече Зендели.

Основниот кривичен суд ја донесе пресудата на предметот„Таргет-Тврдина“ во февруари 2021 година, со која 11 лица беа осудени на вкупно 55 години затвор и 10 години условен затвор и ја врати на повторно судење. По жалбата на седумина од осудените, Апелација ја укина пресудата во декември 2022 година, со образложение дека има неусогласеност меѓу пресудата и писмениот примерок, дека нема опис на незаконските дејствија на секој од обвинетите, како и дека она што Кривичниот суд го сметал за докажано не соодветствува со доказите од вештачењата. Апелација тогаш објасни и дека осудителната пресуда на Основниот кривичен суд била нејасна, неразбирлива и неподобна за понатамошно испитување. На чело на петчлениот совет за овој предмет беше судијата Јани Нича, судија известител беше Енвер Беџети, а преостанатите тројца членови беа Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева.

По враќањето во Основен кривичен суд предметот во јануари 2023 година беше прераспределен кај судијата Илија Трпков, кој не стаса да го доврши процесот, затоа што предметот застаре со измените на КЗ од септември 2023 година, што до донесе Собранието, а со кои се намалија казните за функционерите кои ја злоупутребуваат својата положба.

И враќањето на предметот од Апелација во Кривичен, како и застарувањето на предметот „Таргет-Тврдина“ со измените на КЗ предизвикаа бура од негодување во јавноста, затоа што никој нема да одговара за масовното кршење на човековите права со незаконското прислушување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот