Нема повеќе да дозволам Арачиново да се третира како црна овца во државата, вели Дритон Небиу од АА

Фото: Фејсбук/Дритон Небиу

Поранешниот директор на Државниот инспекторат за шумарство и ловство и функционер на Алијанса за Албанците, Дритон Небиу, преку Фејсбук упати проглас до политичарите од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, повикувајќи ги да „се ослободат од злобата кон Арачиново“.

Небиу, кој настапува и како политички аналитичар и е магистар по политички науки, прашува: „Сте биле некогаш во Арачиново? Ако сте биле знаете дека митот дека Арачиново е најопасното место во државата не е точен. Ако не сте биле дали е поради стравот дека нешто ќе Ви се случи ако дојдете тука?“

„Со целокупниот свој имот, оставен од мојот покоен татко, со нотарски заверена изјава Ви гарантирам дека никој од овие мирни луѓе кои живеат во Арачиново не само што нема да Ве повреди, туку ќе Ви го даде најголемото гостопримство кое било каде сте го имале. Лично со својот имот Ви гарантирам, лично со мене можете да се прошетате по најтесните и неасфалтирани улици на Арачиново да видите дека тука не живеат криминалци, туку луѓе кои сите претходни власти ги заборавиле во последните 20 години“, вели тој во објавата.

Арачиново деновиве повторно беше во фокусот на јавноста, откако се откри дека полицајци биле избркани од вооружени луѓе во селото, откако претходно запреле возач кој немал документи. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја демантираше верзијата објавена во медиумите, тврдејќи дека немало вооружена група, но дека имало пријава за „недолично однесување на полициските службеници“, за што подоцна најави и дисциплински мерки.

По ова, следуваше и полициска акција во Арачиново, во која беше откриено нелегално оружје.

Пред неколку месеци, пак, тројца насилници влегоа во канцеларијата на градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибраими и го натепаа, по што беа пронајдени и уапсени.

Во меѓувреме, се случија и силни тензии откако ЕВН одби да испраќа екипи да ги поправаат дефектите во електричната мрежа во селото. Компанијата тврдеше дека нејзините вработени биле напаѓани од страна на жителите, кои масовно краделе струја. Голем дел од селото со денови беше без струја, пред на екипите на ЕВН да им биде дозволено безбедно да влезат во селото, при што најдоа траги од кражба на струја.

Небиу вели дека лошиот имиџ на Арачиново е наметнат од властите кои биле неспособни да се справат со криминалот и затоа го вперувале прстот кон селото.

„Нема повеќе да дозволам Арачиново да се третира како црна овца во државата. Која и да власт е неспособна да се справи со криминалот – одма го вперува прстот кон Арачиново. Доста ни е од чудни погледи кога некому ќе му кажеш дека си од Арачиново. Доста ни е од тоа дека секој арачиновец е наоружан. Доста ни е од тоа дека сите арачиновци сме дилери. Кај нас имате доктори на науки, лекари, инженери, магистри…. Имаме ние интелигенција. Но, на некој му требало дежурен кривец и најлесно им било тоа да е Арачиново“, вели тој во објавата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот