„ЗНАМ“: Производството на своја храна, вода и енергија – приоритет
Денеска беше промовиран дел од Програмата за земјоделство и производство на храна од Прогласот за достоинствена Македонија на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
За мерките пред новинарите зборуваше професорот Ѓоко Буневски, кој рече дека Македонија е традиционално аграрна земја, со учество на земјоделството во бруто-домашниот производ од околу 10 проценти, односно, заедно со преработувачката индустрија 12-15 проценти и е на третото место, после индустрискиот сектор и услугите.
„Во Движењето ЗНАМ – За наша Македонија имаме преку 40 предлог мерки за подобрување на секторот производство на храна, но тука ќе ги истакнеме само поважните: – Воведување забрана за пренамена на земјоделско земјиште од прва. до трета категорија за друга намена, освен за производство на храна. – Приоритетно доделување земјоделско земјиште на локалните фармери, а не на странски инвеститори. Локалните фармери мора да имаат приоритет при доделувањето земјоделско земјиште. – Форсирање на синџирот “од нива до трпеза”. – Субвенционирање по предадени земјоделските култури по загарантирана откупна цена“, рече Буневски.
Тој додаде дека сме сведоци на состојбата каде земјоделските производи се откупуваат од земјоделците и под нивната производна цена, што го прави производството на храна непрофитабилно и неконкурентно.
Буневски потенцира дека покрај овие мерки, Движењето ЗНАМ ќе се заложи да се зголемат субвенциите во земјоделството барем на ниво на соседните земји, а буџетот од сегашните 160-180 милиони евра да се реорганизира и да се воведат нови мерки за субвенционирање. Исто така, тој рече дека ќе предложат мерки за да се намали, па дури и запре напуштањето на селото и земјоделството, особено со поголеми стимулирања на млади фармери, на жените фармери, како и поголеми погодности за отворање бизнис во овие средини. Како што рече Буневски, ќе се обрне големо внимание на мерките за подобрувањње на квалитетот на храната, а ќе се подобри и степенот на советодавни услуги за земјодлеците, а особено за современите технологии и иновации во секторот, Професор Буневски потенцира дека многу важен сегмент е брендирањето на традиционалните производи и производи со познато географско потекло и рече дека во момментот 160 производи чекаат и стојат во фиока.
„Земјоделството бара долгогодишна стратегија, а не брзи политички инстант решенија, која политичка партија доаѓа на власт, како од неа да почнува се. Производство на своја храна, вода и енергија е приоритет на секоја земја. Затоа сметаме дека е неопходно да дадеме максимум за земјоделството, максимум за Македонија“, рече Буневски