Нема летен одмор за наставниците: Три месеци ќе се обучуваат за новите реформи

22 септември 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат

Учениците од прво и четврто одделение во новата учебна година ќе почнат да учат според новата програма, согласно новиот концепт за реформи во Основото образование кој помина на владина седница.

Според измените, предметот историја се спојува со општествените науки, а изучувањето на албанскиот јазик ќе биде изборен предмет од шесто одделение.

Покрај спојувањето на неколку предмети во еден, Концептот предвидува и поголема застапеност на слободни ученички активности и вон наставни активности. Ќе се изучува и сексуално образование во основните училишта, но како изборен предмет во деветто одделение.

Министерката за образование и наука Мила Царовска веќе ги повика наставниците да ја подготват наставната програма за следната учебна година согласно усвоените реформи.

Обуки за наставниците кои ќе предаваат по новата Концепција

Откако ќе се сработат наставните програми, од јуни ќе почнат обуките за одделенските наставници, кои во текот на летото ќе учат како да предаваат согласно новите правила.
Според Бирото за развој на образованието, советници и универзитетски професори ќе обучуваат околу 3.000 наставници во државата, а обуките ќе траат од јуни до септември и ќе бидат наменети за наставниците од прво и четврто одделение, додека обуки за наставниците од шесто одделение ќе има од следната година.

– Немам никаква информација како ќе изгледаат новите наставни програми, а ние сме тие кои ќе треба да ги подготвуваме. Никој не ме контактираше да дадам став за реформите. Искрено се плашам дека обуките од јуни до септември нема да вродат со плод, бидејќи станува за многу краток период. За мене ова е многу избрзано и нејасно, но се надевам дека обуките ќе бидат квалитетни – вели наставничка од четврто одделение од ООУ „Блаже Конески“ од Аеродром за „Слободен печат“, која побара да остане анонимна.

Од друга страна, наставничката Билјана С.Дивјаковска, која предава  македонски јазик во шесто одделение, а за која обуката ќе започне следната година, за „Слободен печат“ вели оти е сигурна дека целиот процес ќе помине како што треба.

– За мене обуките ќе започнат од следната година, но верувам дека и оваа година се ќе биде во ред и концепцијата ќе започне да се спроведува како што треба – смета Дивјаковска.

Дел од наставниците и натаму незадоволни поради невклученоста во дебатите за новите реформи

Сериозен проблем е и невклучувањето на сите наставници во дијалогот за реформите во Основното образование, вели за „Слободен печат Томислав Гиевски, наставник во ООУ „Рајко Жинзифов“ во Кисела Вода. Тој вели дека повеќе здруженија на наставници воопшто не биле консултирани за овие реформи и дека тие се разочарани, иако од МОН нагласуваат дека ја имаат поддршката од над 4.000 наставници.

– Се игнорира мислењето на Независниот синдикат за образование и наука (НСОН), но и на повеќе здруженија на наставници кои јавно го изразија незадоволството и фактот дека не биле консултирани – додава Гиевски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот