„Неговото однесување е ужасно!“: Рајан Рејнолдс доби остри критики за начинот на кој разговарал со детски репортер
Американскиот актер Рајан Рејнолдс се најде на удар на критики на социјалните мрежи откако повторно се појави снимка од негов разговор со детски репортер на црвениот тепих. Интеракцијата се случила на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто во септември 2025 година, кога го промовирал документарецот посветен на актерот Џон Кенди.
Препорачано
Снимката повторно почна да кружи на интернет откако во медиумите се појави информација дека Рејнолдс и неговата сопруга, актерката Блејк Лајвли, се во правен спор со актерот и режисер Џастин Балдони, објави порталот „Јунилад“.
Во спорниот момент, во разговор за канадската телевизија Си-ти-ви, Рејнолдс застанал кај момчето репортер и го повикал да го постави своето прашање. Кога детето најпрво го поздравило и изразило задоволство од средбата, актерот го прекинал и го охрабрил веднаш да премине на прашањето.
Детето потоа прашало зошто појадокот со потписот на Рејнолдс, креиран во соработка со канадскиот ресторански ланец „Тим Хортонс“, содржи толку многу чипотле мајонез. Актерот одговорил низ шега, велејќи дека би сакал самиот да одлучува за тоа и дека ќе испрати остро писмо до одговорните во кујната. Потоа го прашал детето за името и додал дека ќе биде строг, но ќе каже дека забелешката доаѓа од него, по што се оддалечил, оставајќи дел од присутните видно збунети.
Снимката можете да ја погледнете ТУКА.
По повторното објавување на снимката на социјалната мрежа Икс, дел од корисниците остро го критикуваа однесувањето на актерот, оценувајќи го како непријатно и потсмешливо. Во коментарите се наведува дека неговиот хумор не делува спонтано, туку како прикриено подбивање.
Сепак, имаше и такви што застанаа во негова одбрана, сметајќи дека реакциите се претерани и дека станува збор за неоправдана онлајн хајка.
Во контекст на настанот, извор близок до актерот за британскиот таблоид „Дејли мејл“ појаснил дека персоналот на црвениот тепих во тој момент ги забрзувал гостите и ги насочувал кон салата. Според изворот, на Рејнолдс му било кажано да не се задржува со интервјуа, но тој сепак застанал токму поради детскиот репортер и не покажал непристојно однесување.


