Недостиг на инсулин за дијабетичарите од Тетово, си позајмуваат инсулински пенкала, но „заемот“ нема како да го вратат
Вели Пајазити е еден од илјадниците дијабетичари од Тетово, кој мака мачи со недостиг на инсулинска терапија. Само што помисливме дека проблемот со нашиот лек се реши, во последно време, пенкалата со инсулин се помалку ги има. Наместо девет пенкала со инсулин, колку што му препишал докторот како месечна терапија, Пајазити вели дека од инсулинската аптека во Тетово добил само едно.
Препорачано
„Во последно време не знаеме за што станува збор, оти еден месец да не примиш ниту едно пенкало со инсулин е лошо по нашето здравје. Јас позајмив некое пенкало, но ја намалив дозата од таа што ми ја препишаа докторите, немав друг избор. Сега не можам да ги вратам пенкалата што ги позајмив од некои мои пријатели, а овој месец ми дадоа само едно пенкало, а треба да примам девет пенкала со инсулин во месецот. Сега бев во аптека и ми велат нема. На многу луѓе ова им се случува, гледам се враќаат со празни раце од аптека. Ова не е апче, сериозна е состојбата, ние плаќаме здравствено и треба да го добиеме тоа што ние следува“, вели Пајазити.
Од Здружението на дијабетичари Тетово, велат дека многу нивни членови се жалат поради недостиг на инсулинска терапија. Според здружението, ова се должи на се поголемата бројка на нови пациенти со инсулинска терапија, која Министерството за здравство, не ја придвидела кога го набавувала лекот.
„Се уште не е решен проблемот со немањето на доволно количини на инсулин кој доцни. Јас примам инсулин, на шести месецов требаше да го земам, ама инсулинот го немаше. Како што ме информираа од инсулинската аптека, проблемот е што бројката за количините на инсулин за 2022 година е надмината, оти има многу нови пациенти кои што примаат инсулин. И сега треба да се потпише нов договор за инсулин и така оваа приказна постојано се повторува. Во Министерството за здравство треба си направат некоја стратегија, за да знаат како да се покриваат овие вакум простори, кога немаме инсулин. Треба да знаат дека има постојано нови пациенти на кои им треба инсулинска терапција и соодветно на тоа треба да имаат и малку поголеми количини на инсулин, набавени претходно“, вели Душко Игневски претседател на Здружението на дијабетичари Тетово.
Од Министерството за здравство, велат дека нивните информација кажуваат, оти не постои недостиг на инсулинска терапија.
„Од Клиничката болница во Тетово информираат дека пациентите со дијабетес се покриени со терапија, согласно мислење на специјалист. Нема случај каде пациент не добил инсулинска терапија или да е вратен без да му биде дадена терапија“, ни соопштија од Министерството за здравство.
По две години пауза поради ковид мерките, Здружението на дијабетичари Тетово, по повод 14 ноември Светскиот ден на борба против дијабетес, организираше мерење на шеќер во крвта во Домот на пензионери во Тетово. Според спроведените мерења, но и бројките кои ги следат, здружението оцени дека состојбата со дијабетот е алармантна. Да биде катастрофата уште поголема, се повеќе деца и трудници примаат инсулинска терапија.
„Со дијабетот е лоша состојбата, на инсулинска терапија се над 4000 граѓани од Тетово, а со детски дијабет има над 120 пациенти. Бројките рапидно растат, зачудувачки е што сега во последно време има и трудници и нашата општина е меѓу првите во Македонија каде има највеќе пациенти, кои се на инсулинска терапија, а се на се, има над 10 000 граѓани од нашиот град што имаат дијабет. Така со сигурност можам да кажам дека расте бројката секојдневно, а тие податоци ги добиваме и од инсулинската аптека, секој месец ни велат дека имаат нови пациенти кои примаат инсулинска терапија, изјавија од Здружението на дијабетичари.


