Фото: Пекселс

Не ставајте ги децата во дубаци, немаат кочници

Од почетокот на годинава пазарните инспектори откриле серија опасни производи, вклучително и електричен бокал, неколку модели на детски дуксери и комплети тренерки, ролни за лепење, сите увезени од Кина и од Турција

На македонскиот пазар се продавал пластичен детски дубак од марката „Бејби вокер“, но немал кочници на долниот дел и можел да се преврти и да предизвика сериозни повреди кај детето! Пазарните инспектори откриваат дека тој е произведен и увезен од Турција, а можел да се најде во продавници во Тетово. Дубаците се повлечени од дуќаните, а на оние што веќе ги купиле, им било препорачано да престанат да ги користат и да ги вратат. Освен овој, серијата откриени опасни производи од почетокот на годината, набројува и заштитен работнички шлем, електричен бокал, како и неколку модели на детски дуксери и комплети тренерки увезени од Кина и Турција. Производите се опасни, бидејќи не ги исполнуваат одредбите од Законот за технички барања или не се во согласност со стандардите МКС ЕН, а увозник и дистрибутер е фирма од Тетово. За работничкиот шлем, инспекторите се конкретни дека не ја пружа заштитата за која е наменет, бидејќи не ги исполнува одредбите од Правилникот за лична заштитна опрема и стандард МКС ЕН 397. Што се однесува до користењето на електричниот бокал за вода, и тој не е сообразен со правилниците за електротехничка опрема, или во превод може да ви се запали!

– Освен што се повлечени од промет, електричните бокали се уништени од увозникот, но ако некој го има дома, треба веднаш да престане да го користи или да го врати – велат пазарните инспектори.

Во однос на детската облека (дуксери со врвки кај качулката и комплети тренерки), забелешката е дека „може да дојде до давење и дека не се во согласност со стандардот за безбедност на детска облека МКС ЕН 14682: 2015“. Не се знае дали овие парчиња детска облека и натаму им се нудат на купувачите, бидејќи за сите нив е препорачано доброволно отстранување од трговецот. Доколку виделе што купиле и колку е тоа небезбедно за нивните деца, на потрошувачите им е советувано да престанат да ги користат!

Опасноста од алергија била индикатор за повлекување и на ролните со лента за подигнување, модел Ојшо: 1943/70/990 и 1943/70/184, произведени во Кина, а увезени и дистрибуирани од фирма од Скопје.

– Производот не е безбеден, извести производителот. По спроведената истрага, по пријавени инциденти, се укажува на фактот дека како резултат на постојан контакт со кожата, подолго од препорачаното време за употреба и/или несоодветно отстранување на производот на чувствителна кожа, се појавиле несакани реакции на кожата, какви што се црвенило, сувост, чешање, чувство на печење или флеки. Производите се повлечени од промет, а оние кои ги купиле ги вратиле во дуќаните – брифираат од ДПИ.

Очигледно е дека дел од трговците и натаму се обидуваат да протнат опасни производи на македонскиот пазар. Ова бидејќи лани од истата причина беа откриени и повлечени комплети играчки сложувалки, кукли и детска облека, сите увезени од Кина, а кои се продаваа во Тетово и во Скопје.

– Минатата година имало отстранување на околу 11 различни видови модели на играчки – велат пазарните инспектори. Според податоците на Европскиот глобален портал за отповикување производи, играчките сочинуваат 20 отсто од вкупниот број повлекувања од сите пазари. Во 2019 година, од 3.740 повлечени производи по нарачка на 40 земји, дури 20 отсто биле играчки. Причините поради кои биле повлечени се поврзани со можни повреди. И на списокот на опасни и небезбедни производи, објавена од европскиот систем за брзо предупредување Рапекс, играчките се на прво место со години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот