Попис. / Фото: Слободен печат

Не е важно дали следниот Попис ќе биде електронски, вели Гаши: Важно е да биде кредибилен и без политизирање

Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска за најавата на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски дека следниот попис на населението ќе се спроведура електронски, нагласи дека битно е тој да биде спроведен на најдобар и кредибилен начин.

-Мислам дека тоа е прашање на надлежните институции што ги спомнавте одговорни за да го спроведуваат тоа. Ако тие се чувствуваат подготвени, одлично е. Ние немаме нешто против да биде што полесно. Битно е пописот да биде спроведен на најдобар и кредибилен начин, да веруваат граѓаните дека информациите се кредибилни. Начинот како ќе се извршува, ако е најлесен тој дигитален начин или најкредибилен, тогаш одлично, се согласувам и јас. Нема никаков проблем – рече Гаши на денешниот брифинг со новинарите

Во однос на тоа дека во следниот попис ќе биде опфатено само резидентното население, претседателот на Собранието порача дека треба што помалку политизирање на таквите процеси.

-Пописот е статистичка постапка која се спроведува според ЕВРОСТАТ, тоа се меѓународните критериуми, треба да ги следиме. Што помалку политизирање на таквите процеси, тоа подобро. За жал, склони сме да политизираме се и си правиме штета сами на себе. Ако ги гледаме објективно работите зошто ни требаат тие постапки, би имале друг пристап. Јас сум склон на деполитизирање на процесите – потенцира Гаши.

Министерот Стефан Андоновски на 3 април изјави дека целта е следниот попис на населението да биде електронски. Директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков на заедничката прес-конференција со Андоновски, тогаш нагласи дека следниот попис на населението е планирано на глобално ниво да се спроведе во 2030 година и посочи дека целта е следниот попис на населението да биде спроведен електронски, односно со користење административни извори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот