Папата Лав 14/ Фото: EPA-EFE/VATICAN MEDIA HANDOUT

Не давајте ѝ на вештачката интелигенција да ви ги пишува домашните, им порача папата на учениците

Вештачката интелигенција (ВИ) може да биде корисна алатка за учење, но не смее да ја замени личната работа и залагање, им порача денеска папата Лав на околу 15.000 млади Американци собрани на конференција на католичката младина во Индијанаполис.

Обраќајќи им се преку видеоврска од Ватикан, папата истакна дека ВИ „станува една од главните одлики на нашето време“, но предупреди дека младите треба да ја користат одговорно, пренесе „Ватикан њуз“.

„Користете ја вештачката интелигенција на начин што ќе ви помогне да растете. Но, не барајте од неа да ви ги пишува домашните задачи“, рече тој.

Папата одговараше на прашања за верата и пријателството

Лав, кој пред шест месеци стана првиот Американец на чело на Католичката црква, речиси 40 минути разговараше со младите, одговарајќи на нивни прашања за верата, како и за тоа како да стекнуваат пријатели и да градат заедница во училиштата.

„Црквата не припаѓа на ниту една политичка партија“

Иако главниот фокус беше на младите, Папата накратко се осврна и на политиката. Познат по своите критики кон антиимиграциските мерки на претседателот Доналд Трамп, Лав порача дека христијаните треба да бидат „луѓе кои градат мостови, а не ѕидови“ — порака која силно потсетува на критиките што неговиот претходник, папата Франциск, ги упатуваше до Трамп.

„Ве молам бидете внимателни и не користете политички категории кога зборувате за верата или за Црквата,“ им порача тој.
„Црквата не припаѓа на ниту една политичка партија. Нејзината улога е да ви помогне да ја оформите вашата совест за да можете да мислите и да дејствувате со мудрост и љубов.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот