Навиките тешко се „реконструираат“: И ѓубреџии и автомобили се паркираат на новата велосипедска патека на Гологанов

Фото: Драган Митрески

Шест месеци траеше реконструкцијата на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов и конечно на неа е повторно воспоставен нормален сообраќај, а како што беше најавено, изведени се две нови велосипедски патеки. Едната поминува среде пешачката патека на потегот од Клуб на пратеници кон крстосницата со булевар Св. Климент Охридски, на која се оставени старите плочки, а другата се наоѓа на коловозот, покрај асфалтираниот тротоар и е одделена од лентата за возила со заштитни столпчиња, а ненадејно завршува после бензиската кај АМСМ.

Велосипедска патека на Теодосиј Гологанов / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Она што е интересно е што големите контејнери, чие празнење можат да го извршат само специјални возила што им приоѓаат од коловозната лента, се ставени на работ на тротоарот, кој од лентата за сообраќај е разделен со велосипедска патека. Тоа значи дека возилата за собирање ѓубре од контејнерите ќе мора да се паркираат на велосипедска лента. Не е јасно дали воопшто некој размислил за овој проблем кога се подготвувал проектот за реконструкција, но повторно ништо не е решено со габаритните садови за отпад.

Големите контејнери беа набавени во мандатот на Петре Шилегов и заради нивниот специфичен начин на празнење мораа да бидат поставени на самиот крај на тротоарот, покрај улицата, па така тие и ден денес покрај целиот булевар Партизански одреди се поставени на велосипедските патеки. Своевремено, тогашното градското раководство тврдеше дека тоа е само привремено решение, а околу контејнерите со жолти ленти беше исцртана велосипедска патека, таа пак врз просторот наменет за пешаци. На Гологанов, пак, контејнерите не се на велосипедската патека, но затоа возилата за собирање ѓубре ќе застануваат на неа.

Велосипедистите, пак, посочуваат уште еден проблем со новата велосипедска патека, а тоа е дека заштитните столпчиња се поставени на преголемо растојание што овозможува на неа да се паркираат автомобили, можност што веќе ја користат несовесните возачи. И на само на велосипедската патека, туку и понатаму има паркирани возила на тротоарот, кои исто така се протнуваат низ широко поставените столпчиња.

Бул. Теодосиј Гологанов / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Новата велосипедска лента, од креативните возачи на автомобили веднаш е пренаменета во бесплатен паркинг-простор за возила. Имајќи ги предвид досегашните искуства со постојните вело-ленти во градов (булевар Св. Климент Охридски, Центар, улица Московска, Тафталиџе, улица Борис Сарафов, Ѓорче Петров и други), кои поради големиот простор помеѓу две заштитни столшчиња овозможуваат косо паркирање возила на велосипедската лента, евидентно е дека надлежните не водат сметка за лошите/нефункционални пракси од минатото и истите ги повторуваат – посочуваат од „На точак“.

Оттаму тврдат дека доколку оваа пракса воспоставена веднаш по пуштањето во употреба на новата вело лента на почеток не се искорени, функционалноста, безбедноста и сигурноста што ги заговара градоначалничката Данела Арсовска ќе бидат уништени.

 Апелираме пред да се штиклира оваа вело-делница од Градот како завршена, надлежните да ја обезбедат нејзината функционалност и да овозможат непречено движење на велосипедистите. Толерирањето на паркирање возила на вело-лента го прави Градот соучесник во стимулирањето небезбедност и несигурност во велосипедскиот сообраќај – велат велосипедистите.

Бул. Теодосиј Гологанов / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески
Тротоар на Тедосиј Гологанов кај Бугарска амбасада / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески
Бул. Теодосиј Гологанов / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот