Навалата за ваучерите спласна, расте јагмата за поевтини инвертер клими

Ваучери за инвертер клима / Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Правниот субјект освен продажбата на високоефикасни инвертер клима уреди мора да гарантира дека истиот ќе биде вграден на адресата која е наведена во потврдата-ваучерот на лицата на чие име и презиме гласи издадената потврда-ваучер со што се очекува да се спречат злоупотребите со препродажба на добиените ваучери.

Успешно се реализира процесот на доделување на ваучери за купување инвертер клими, констатира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини откако во текот на вчерашниот ден на 30 локации низ државава беа отворени пунктови за доделување на ваучерите за кои граѓаните аплицираа во февруари годинава и тоа во две категории: за енергетска ефикасност и за заштита на ранливи потрошувачи на енергија.

-Во текот на вчерашниот ден во Центрите за вработување низ државата поделени се над 90% од вредносните ваучери, а во Скопје и Битола каде што доделувањето беше во СЦ „Борис Трајковски“ односно спортска сала „Боро Чурлески“ беа поделени 79% и 64% од предвидените ваучери. Со оглед на бројноста на добитниците на вредносни ваучери од овие два града, како и во Прилеп (во Центарот за вработување) доделувањето на ваучерите е на истите локации и денес. Во моментов на трите локации нема редици и процесот тече во добар ред согласно предвидената динамика, нагласуваат од министерството.

Добитниците на ваучерите кои и во текот на денешниот ден не се во можност да ги подигнат своите ваучери, тоа ќе можат да го сторат од понеделник, па до крај на месец ноември, во просториите на Министерството кое се наоѓа на почетокот на улица Македонија спроти Музеј на Град Скопје, информираат од Енергетика.

Според јавниот оглас ваучерите ќе може да се потрошат за купување на инвертер клими во 42 правни субјекти и во нивните подружници. Најголем дел од нив се од Скопје, но има и пет битолски и пет кумановски фирми кои вршат трговија на високоефикасни инвертер клима уреди, како и правни субјекти од Струмица, Гостивар, Тетово, Прилеп, Кочани, Кичево, Охрид, Дојран, Свети Николе, Демир Хисар и Радовиш.

Правниот субјект освен продажбата на високоефикасни инвертер клима уреди мора да гарантира дека истиот ќе биде вграден на адресата која е наведена во потврдата-ваучерот на лицата на чие име и презиме гласи издадената потврда-ваучер со што се очекува да се спречат злоупотребите со препродажба на добиените ваучери. Во Министерството за енергетика ќе се формира и Комисија која ќе проверува дали процесот тече според договорите склучени со правните субјекти за исполнување на сите обврски пред исплатата на вредноста за продадените вредносни ваучери за инвертер клима уреди.

Според огласот на искористените ваучери за купување и вградување високоефикасни инвертер клима уреди, на трговецот ќе му биде исплатена вредноста утврдена како производ на бројот на искористените ваучери  за оние лица чија вредност на купениот и вграден  високоефикасен клима уред е еднаков или поголем од вредноста на потврдата-ваучерот, додека за останатите корисници чиј реален трошок за купен и вграден високоефикасен клима уред е помал од вредноста на потврдата-ваучерот, Министерството за енергетика ќе го исплаќа реалниот износ.

На македонскиот пазар може да се најдат инвертер клима уреди по цени од 25.000 до 100.000 денари, а доделените ваучери се во вредност од 23.000 или 25.000 денари за енергетска ефикасност и од 27.000 до 30.000 денари за ранливите групи потрошувачи. Доплатата ако цената на уредот е повисока од вредноста на ваучерот ја врши носителот на ваучерот, а доколку е пониска ќе се смета дека ваучерот е целосно искористен.

Вкупно се доделени ваучери на 6.182 домаќинства, од кои 4.591 домаќинствo добија за енергетска ефикасност, а 1.591 домаќинство како ранлива категорија. Тие ќе мора да ги потрошат ваучерите до 30 ноември, а домаќинлакот налага да не се доплаќа премногу, па прво ќе се потрошат поевтините инвертер клими кои ги нудат пријавените трговци за работа со ваучерите на Министерството за енергетика.

ФОТО | Стотици граѓани чекаат пред „Борис Трајковски“ ваучери за инвертер клими

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот