Научно-фантастичен роман ја доби наградата „Новите!“ на „Темплум“

Игор Раиден е добитник на наградата „Новите!“ за 2023 година

Издавачката куќа „Темплум“ од 22 до 28 декември го одржа 14-иот Мал новогодишен саем, а покрај промоциите на нови книги и сликовници, ги додели и наградата „Новите!“ и стрип-наградата „Лифт“.

Годинава новогодишниот саем на „Темплум“ за првпат се одржа во културниот центар „Бруталиск“, кој е отворен пред точно една година. Изминатите 13 години саемот најчесто се одржуваше во „ГЕМ клуб“ (одамна згаснат заедно со „Менада“) и во МКЦ, додека со влегувањето во просторот на „Бруталиск“ на некој начин „Темплум“ се враќа во познат простор, бидејќи на истата локација од 2002 до 2006 година функционираше културниот центар „Точка“. На саемот годинава учествуваа издавачките куќи „Темплум“, „Сказнувалка“ и „Гаврош“.

Покрај промоциите на нови книги и сликовници, на саемот „Темплум“ ги додели и наградите „Новите!“ и „Лифт“. Наградата за најдобар дебитантски ракопис „Новите!“ за 2023 година на 27 декември му беше врачена на Игор Раиден за романот „Издигнување“.

Од вкупно пристигнатите 15 ракописи (од кои три влегоа во потесниот круг за наградата) тричлената комисија во состав Наташа Атанасова, Елена Митреска и Катерина Шекутковска, одлучи наградата „Новите!“ да ја додели на романот „Издигнување“. Романот на Раиден се издвоил со конзистентноста во владеењето на жанрот и стилот, но и како прв научно-фантастичен роман кој победил во 18-годишната историја на „Новите!“.

Насловна корица на романот „Издигнување“

– Во светот на научно-фантастичната литература хероите, кога се во машки пол, често имаат мачоистички и доминантни карактеристики. Во романот на Игор Раиден, за големо изненадување, како главен лик имаме трансродово лице со кое текстот создава „квир-простор“, каде што читателот треба да претпостави нова, андрогина перспектива, за разлика од хетеронормативната перспектива како доминантна норма. Тоа потврдува дека научно-фантастичната литература има проширен капацитет за јазични изрази и истражување на разликите, капацитет редок во традиционалната проза. Иако романот оперира со веќе добро познати елементи и наративни постапки од научната фантастика, токму преку цврстата и јасна структура, прецизно изградените ликови, како и добро обмислените заплети и драмски ситуации, авторот покажува дека одлично го владее жанрот и дека е достоен за наградата „Новите!“ – стои во образложението за наградата.

Наградата „Новите!“ на „Темплум“ од самите почетоци ја поддржува Комерцијална банка – Скопје.

Стрип-награда „Лифт“ за Ѓорѓе Јовановиќ

На шестиот конкурс за стрип „Лифт“ пристигнаа петнаесет стрипови од четиринаесет автор(к)и. Жирито (Никола Гелевски, Јана Јакимовска и Владимир Трајановски) како најдобар го издвои стрипот „Наскоро градот ќе падне“ на Ѓорѓе Јовановиќ.

– Стрипот се издвојува со ликовната рафинираност (Јовановиќ суверено владее со цртежот, боите, колажните моменти), односно со прецизниот уметнички ракопис кој ги преиспитува и проширува границите на медиумот. Уметникот заслужува пофалби и поради ангажираниот пристап, бескомпромисно сликајќи ги морничавиот град и мрачните луѓе (луцидното портретирање е уште една одлична одлика на авторот) во епоха на војни, страв и несигурност. А сепак, во целата констелација, како контраст, има и доволно хумор, игривост, луцидност… Атмосферата во „Наскоро градот ќе падне“ драматуршки веродостојно ја оцртуваат стиховите од истоимената песна на израелскиот поет Амир Ор, кои на делото му даваат дополнителни историски и воени (секогаш актуелни, за жал) контекстуализации – истакнува жирито.

Доделувањето на стрип-наградата „Лифт“ за 2023 година се одржа на 26 декември во „Бруталиск“, а десетте најдобри стрипови од конкурсот се објавени во зборникот „Лифт #6“, традиционален придружник на наградата „Лифт“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 211, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30.12.2023 – 02.01.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот