Артритис - Фото: magnific

Научници од Стенфорд пронајдоа начин за обновување на ’рскавицата на колената и спречување на артритис

Според податоците од Центарот за контрола и превенција на болести во САД (CDC), околу 53 милиони возрасни Американци страдаат од артритис, а се очекува оваа бројка дополнително да расте со зголемувањето на животниот век на луѓето. Оваа состојба, која засега се смета за неизлечива, ги зафаќа зглобовите и ткивата околу нив, па затоа контролирањето на симптомите е клучно за намалување на болката и подобрување на квалитетот на животот на пациентите, пишува „Мајмодернмет“.

Најновиот чекор во борбата против оваа состојба доаѓа од Универзитетот Стенфорд, каде што научниците открија начин како да ја обноват остарената ’рскавица, што носи нова надеж за третман на артритисот.

Тимот предводен од д-р Хелен Блау, професорка по микробиологија и имунологија, и д-р Ниди Бутани, вонредна професорка по ортопедска хирургија, тестираше инјекција која ја блокира активноста на еден специфичен герозим (протеин поврзан со стареењето) познат како 15-PGDH. Оваа метода директно ја таргетира причината за остеоартритис, најчестиот вид артритис каде што заштитната ’рскавица која ги ублажува ударите на краевите на коските се троши со текот на годините.

Артритис – Фото: Pexels

Третманот, кој најпрво беше тестиран на животни, ја блокира функцијата на протеинот 15-PGDH со помош на мала молекула. Тоа резултираше со зголемување на мускулната маса и издржливоста кај постарите глувци, целосно менувајќи го природниот процес на губење на ’рскавицата во зглобовите на колената на животните. Терапијата беше тестирана и на примероци од човечко ткиво земени од операции за замена на колено, каде што исто така беше забележан позитивен одговор, ткивото почнало да создава нова, функционална ’рскавица. Научниците дополнително открија дека оваа инјекција го спречува развојот на артритис и по сериозни повреди на коленото.

Артритис – Фото: magnific

„Милиони луѓе страдаат од болки и отоци во зглобовите како што стареат. Ова е огромен медицински проблем за кој досега немаше решение. Сè досега не постоеше лек кој директно ја третира причината за губење на ’рскавицата. Но, овој инхибитор на герозими предизвикува драматична регенерација на ’рскавицата, каква што досега не е забележана кај ниту еден друг лек или интервенција. Ова е сосема нов начин за регенерација на ткивото кај возрасните и има огромен клинички потенцијал за лекување на артритис предизвикан од стареење или повреди. На почетокот баравме матични клетки, но очигледно е дека тие не се вклучени во овој процес. Ова е навистина возбудливо“, изјави Бутани.

Медиумите известуваат дека орална верзија на овој третман веќе е во фаза на клинички испитувања. Со малку среќа, ова откритие би можело да стане сигурен и ефикасен ресурс во лекувањето на мускулната слабост и проблемите со зглобовите поврзани со возраста, кои погодуваат огромен број луѓе ширум светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот