Научен собир на тема „Македонски преродбеници“ ќе се одржи во организација на Институтот за македонска литература

Покана за научниот собир на Институтот за македонска литература

Јубилејно чествување на делото на значајни македонски преродбеници во организација на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе се одржи на 20 декември 2023 (среда), со почеток во 12 часот, во амфитеатарот на ИМЈ „Крсте Мисирков“ во Скопје.

Одделението за македонска литература во XIX век при Институтот за македонска литература во Скопје нотираше повеќе значајни јубилеи во 2023 година.

Со научниот собир „Македонски преродбеници“ се одбележуваат следниве годишнини на значајни книжевни дејци од XIX век: 205 години од раѓањето на Партениј Зографски (1818); 180 години од смртта на Теодосиј Синаетски (1843); 175 години од смртта на Анатолиј Зографски (1848); 175 години од раѓањето на Венијамин Мачуковски и Славка Динкова (1848); 130 години од смртта на Ѓорѓија Пулевски и Григор Прличев (1893); 125 години од смртта на Димитар Македонски и Јосиф Ковачев (1898); и 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков (1903).

Поздравно обраќање ќе има Наташа Аврамовска, директор на Институтот за македонска литература, а модератор на научниот собир ќе биде Валентина Миронска-Христовска од Институтот за македонска литература.

На настанот свои излагања ќе имаат Валентина Миронска-Христовска на тема „За македонските работи во XIX век“, Славчо Ковилоски на тема „Ѓорѓија Пулевски за Македонија и Македонците“, Марина Цветаноска на тема „Прличевото ’Чувај се себеси‘“ и Сарита Трајанова на тема „Одбележувањето на јубилејни годишнини од македонскиот книжевен XIX век – значаен прилог за културната меморија“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот