
Настанот „Македонско ќоше“ во Кинотеката ќе донесе различни ракурси на млади автори со силен потенцијал
Селекција на млади македонски филмски автори и нивните филмови од најновата продукција на 28 јануари, со почеток во 19 часот, ќе биде прикажана во рамки на вечерта насловена „Македонско ќоше“ во Кинотеката.
Препорачано
Проекциите на филмовите во рамки на „Македонско ќоше“ ќе бидат проследени со разговори со авторите. На програмата се пет кратки играни филмови од режисер(к)ите Елеонора Венинова, Надежда Панов, Филип Момировски, Ана Марија Јанковиќ и Тина Величковиќ. Станува збор за авторски филмови во кои режисерите се и автори на сценариото.
Краткиот игран филм „Прошетка“ (2024 / 13 мин.) на Елеонора Венинова раскажува приказна за мало девојче кое низ разговор со непозната жена се обидува да дознае што се случило со нејзината баба. Со овој филм Венинова ја комплетира својата трилогија посветена на смртта, а во која претходно ги сними кратките филмови „Борба за смрт“ и „Знак“.
Главните улоги во „Прошетка“ ги играат Билјана Драгиќевиќ Пројковска и младата Надја Кирковска, директор на фотографија е етаблираниот македонски кинематографер Фејми Даут, а филмот го продуцира Венинова заедно со Гоце Кралевски преку продукцијата „Три точки“.
Режисерката Надежда Панов во рамки на селекцијата ќе биде претставена со краткиот игран филм „Турбо нет“ (Македонија, Швајцарија / 2024 / 19 мин.). Едно повеќегенерациско македонско семејство се наоѓа во неизвесност по ненадејната смрт на патријархот, оставајќи зад себе застарено сајбер-кафе и куќа на која ѝ е потребно реновирање. Со улоги во филмот се појавуваат Катина Иванова, Валентина Грамосли, Исидор Јовановски, Ивана Павлаковиќ.
Во главните улоги во краткиот игран филм „Баг“ (2024 / 11 мин.) на режисерот Филип Момировски играат актерките Ирена Илиевска и Матеа Јанковска. Тања, невработена челистка ангажирана како тестер на софтвер за музички старт-ап, испробува паметен звучник, кој генерира музика врз основа на чувствата на слушателот. Работите тргнуваат во ужасен правец кога паметниот звучник одекнува со застрашувачки звуци среде ноќтa.
Централен лик во приказната во краткиот игран филм „Амин“ (2024 / 20 мин.) на режисерката Ана Марија Јанковиќ е пензиониран германски офицер од Втората светска војна кој се соочува со посттрауматска депресија и растројство на личноста, кои го доведуваат до хистерија и халуцинации, фатални за неговата сопруга. Во филмот играат битолските актери Петар Горко, Маја Андоновска Илијевски, Петар Мирчевски.
Петтиот филм во селекцијата „Македонско ќоше“ е со наслов „Тага“ (2023 / 15 мин.) на режисерката Тина Величковиќ. Во краткиот филм играат Филип Трајковиќ, Ивица Димитријевиќ, Филип Христовски, Стефан Николовски, Ања Митиќ, Александар Микиќ. Маж со нормална работа, во нормално секојдневие, постојано опкружен со луѓе, не може да најде ниту еден човек кој ќе го сослуша и на кого ќе може да му ги раскаже своите маки.
Проекцијата на филмовите е одлична можност да се видат различни авторски ракурси и да се препознае потенцијалот на младата генерација македонски филмски автори.