Совет на обвинители/ Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Наследникот на Коцевски мора да добие „виза“ од Советот на јавни обвинители

Владата не треба да добие позитивно мислење од Советот на јавни обвинители за да го разреши републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, но за да именува обвинител на негово место до Собранието треба да предложи кандидат кој претходно треба да добие позитивно мислење од Советот на јавни обвинители.

Според Законот за јавно обвинителство, донесен во 2020 година, Владата треба да го испрати предлогот за разрешување на Коцевски до Советот на јавни обвинители, а Советот има рок од 15 дена да даде свое мислење.

Ако Советот на јавни обвинители од оправдани причини не достави мислење до Владата, рокот се продолжува за уште 15 дена. Ако и во овој рок Советот на јавни обвинители не достави мислење, се смета дека не го поддржува предлогот на Владата. Од Советот веќе изјавија дека ќе постапуваат согласно Законот, но сепак, какво мислење и да даде Советот на јавни обвинители, доколку власта го има потребно мнозинство за да изгласа недоверба кон Коцевски, републичкиот обвинител ќе биде разрешен.

За разлика од постапката за разрешување на обвинителот, за којашто мислењето на Советот не го менува епилогот, односно и со негативно мислење на Советот постапката во Собрание продолжува, при именувањето на обвинителот, новиот кандидат кој ќе го предложи Владата задолжително ќе треба да добие позитивно мислење од Советот на јавни обвинители. Законот предвидува обврска за Советот на јавните обвинители да даде мислење по предлог на Владата како за разрешување, така и за именување на јавниот обвинител, објаснуваат од Коалицијата „Сите за правично судење“.

– Следствено на ова, Советот на јавните обвинители, откако ќе го прими барањето од Владата, има обврска во рок од 15 дена да достави образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот коишто ги исполнуваат условите согласно закон. Оттука, Владата до Собранието доставува предлог за именување јавен обвинител на РСМ од пријавените кандидати за кои Советот на јавни обвинители на РСМ дал позитивно мислење – објаснуваат оттаму.

Законот регулира уште две дополнителни ситуации. Доколку Советот на јавни обвинители од оправдани причини во рамки на овој рок од 15 дена не достави мислење до Владата, рокот се продолжува за уште 15 дена. Доколку не е доставено мислење ниту во овој продолжен рок, во тој случај се смета дека мислењето е позитивно.

– Исто така, доколку Советот на јавни обвинители не даде позитивно мислење за ниту еден до пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог за именување на јавен обвинител на РСМ, по што има обврска да му предложи Собранието да го повтори огласот. Имајќи ја предвид претходно наведената постапка, позитивно мислење од Советот на јавни обвинители е задолжително – објаснуваат од Коалицијата толкувајќи го Законот.

Владата го испратила предлогот за разрешување на јавниот обвинител до Советот на јавни обвинители во четвртокот, но од Советот велат дека досега кај нив не е стигнат предлогот.

Според Законот за јавно обвинителство за јавен обвинител може да биде именувано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право. Јавниот обвинител се именува од Собранието, по предлог на Владата. со мандат од шест години и право на повторно именување. За својата работа и работата на јавното обвинителство тој одговара пред Собранието.

Иако уште не е завршена постапката за разрешување на Коцевски, во јавноста веќе почнаа да се споменуваат имињата на неколку обвинители кои би го замениле Коцевски. Меѓу нив е и суспендираниот заменик од скопското Вишо обвинителство, Јован Цветановски, потоа Златко Биковски, за кого исто се водеше дисциплинска постапка за „27 април“ и републичката обвинителка Анита Топалова-Исајловска, која бараше од врховните судии да го укинат решението со кое се одобрува обвинението во случајот „Талир“ на Специјалното јавно обвинителство за нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот