НАШ ПРЕДЛОГ ЗА ФИЛМ: Том Хенкс и „A beautiful day in the neighborhood“ носат емотивна приказна од која има што да се научи! (ВИДЕО)

Фото: IMDB

Том Хенкс беше првиот холивудски актер кој се тестираше позитивен на актуелниот коронавирус, а во нашиот денешен предлог за филм главен јунак во приказната која треба да ја погледнете е токму оваа филмска ѕвезда.

Се работи за филмот „A beautiful day in the neighborhood“, базиран на вистинска биографска приказна за едно големо, но на еден начин и несекојдневно пријателство, од кое може да се извадат неколку важни поуки.

Во време кога сите сме во еден период на таканаречена самоизолација, се чини дека ова е вистински момент да го погледнете ова остварување, бидејќи се работи за еден семеен филм во вистинска смисла на зборот, кој е најдобро да се погледне во кругот на најблиските.

На угледната страница на „IMBD“, филмот кој е во режија на Мариел Херел има одлична оценка од 7.3 ѕвездички, додека на престижната страница „Rotten Tomatoes“, ова остварување е опишано како „моќно филмско дело со силна порака за меѓусебното прифаќање и разбирање“.

Краток опис за филмот:

Двојниот Оскаровец Том Хенкс ја толкува улогата на Фред Роџерс, кој води телевизиска емисија за деца и претставува вистински шоумен за најмалите. Од друга страна, Лојд Вогел е истражувачки новинар, кој добива задача да му направи интервју на господинот Роџерс.

Лојд, кој инаку е опишан како доста интелигентен, но и премногу затворен човек, во интервјуто влегува премногу скептично, бидејќи навистина му е тешко да поверува дека постои човек со толкава харизма.

Фото: IMDB

Меѓутоа, љубезноста на Роџерс и неговата истрајност и упорност, буквално ќе го турнат Лојд на колена, со тоа што тој, полека но сигурно, ќе започне да се отвора пред него, па помеѓу нив двајца ќе се роди едно несекојдневно пријателство.

Роџерс го обожаваат децата, но и повозрасните, тој е една трпелива личност, која ќе навлезе во животот на Лојд и ќе му помогне да си го среди односот со неговиот татко, со кого е во кавга уште по смртта на неговата мајка.

Фото: IMDB

Овој филм всушност е олицетворение на раѓањето на едно вистинско пријателство помеѓу американскиот телевизиски херој Фред Роџерс и истражувачкиот новинар Лојд Вогел.

Во „A beautiful day in the neighborhood“ интересно е да се види како со добрина и бескрајно културно однесување и љубезност може да се внесе неверојатна доза на позитива во нечиј живот, толку многу, што дури Лојд драстично си го менува животот на подобро и станува една отворена личност, која повеќе не знае за омраза.

Во продолжение погледнете го трејлерот:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот