Народниот правобранител ќе бара да се ограничи каматата на долговите кон извршителите

Насер Зибери народен правобранител/ Фото Слободен печат/ Елизабета Дамјаноска Спасеновска

Владата има обврска да ги примени препораките на Народниот правобранител, а минатите две години не примени ништо, што е показател за непочитувањето кон институцијата, рече денеска Народниот правобранител Насер Зибери, при презентацијата на извештајот за човековите права.

– Најголем број претставки се однесуваат на правосудство, една третина од вкупниот број претставки се однесуваат на постапките со извршителите. Како најголем проблем со кој се загрозуваат човекоите права се превисоките камати на долговите. Недозволиво е каматата да биде три пати повисока од основниот долг. Затоа, јас ќе поведам постапка пред владата како овластен предлагач на законите, каматата да се плафонира најмногу до сто проценти од основниот долг. Има граѓани кои цел живот се должници кон доверителите, поради ниските примања и превисоките камати. Тоа е недозволиво за една социјална држава како нашата, рече Зибери.

Поради неможноста на време  да извадат лична карта и со тоа да го докажат личниот идентитет на  пример на шалтер, граѓаните не можеа да подигнат плата или пензија. Народниот правобранител интервенираше до Народна банка по што се реши проблемот.

Минатата година имало многу претставки и во однос на детските права.

– Минатата година добивме многу претставки во однос на детските права, посебно за правото на образование со воведување на дигитални учебници. Во однос на ова беа упатени бројни претставки за неподготвеноста на МОН и училиштата за воведување на новата концепција, дигитални учебници. Не може заради економскиот стандард на родителие и неможноста да обезбедат лаптоп компјутери или телефони, нивните деца да не добијат квалитетно образование. До училиштата упатуваме барање да обезбедат уреди,  потенцира Народниот правобранител.

Состојбата во казнено-поправните домови и понатаму не е во согласност со човековите права.

– Значаен број претставки има до казнено-поправните установи. Забележуваме тенденција на зголемување на бројот на затворениците, најдраматично е во Идризово, по ходници се поставуваат душеци и нема обезбедена здравствена заштита. Во воспитно поправните домови од почетокот на оваа учебна година не се одржува образовен процес, што е спротивно на потребите на малолетните лица кои престојуваат таму, вели Зибери.

Имало претставки и за правата на потрошувачите.

ЕВН е должен струјомерите да ги чита еднаш годишно, поради што има паушални сметки  кои се високи, а не се корегираат следниот месец. Операторот треба да биде должен редовно да ги чита струјомерите, дополнува Народниот правобранител.

Најлоши институции за соработка се Министерството за здравство и Управата за водење на матични книги, а пофалена беше Народна банка.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот