„Писма“ во излогот на „Или-или“

Најново дело во излогот на „Или-или“ е реизданието на „Писма“ од Игор Исаковски

Издавачката куќа „Или-или“ објави реиздание на дебитантската проза „Писма“ од Игор Исаковски (1970 – 2014). Првото издание книгата го доживеа во 1991 година (издавач: Книжевна младина на Македонија), и еве, по 35 години, една од „најскопските“ книги повторно заживува и меѓу новата генерација на домашни читатели.

По собраната поезија на едно место (десетте стихозбирки) во луксузното издание насловено „Совршен поет“, кое издавачката куќа „Или-или“ го промовираше минатата есен, „Писма“ е одлично надоврзување на тој издавачки потег, бидејќи се претставува Исаковски во неговата суштинска форма, на почетокот од пишувачката авантура, кога и го најави својот несомнен талент.

„Книгата три и пол децении трпеливо чека читање и препрочитување, како и превреднување на нештата, бидејќи добрата литература го прави токму тоа, таа не старее и никогаш не губи од својата релевантност и вредност“, вели уредникот Игор Анѓелков во поговорот од книгата.

„На реизданието на ‘Писма’ можеме да гледаме како на потсетник дека книжевната сцена кај нас одвреме-навреме знае(ла) да изнедри авторски глас што на автентичен начин го обликува(л) совремието, а Исаковски тоа го правеше во текот на целиот свој креативен живот. Оваа драгоцена книга е потсетник на еден град што живееше 24/7, на едни луѓе што ги знаеја сите негови светли и темни сокаци, и на еден автор кој сето тоа го обликуваше во книжевен бисер што живее за вјек и веков“, заклучува тој.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 319, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-8.2.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот