Најголеми љубови: Виктор Иго и Жилијет Друе, сè додека смртта не ги раздели

Љубовта меѓу Виктор Иго и актерката Жилијет Друе траела сè до нејзината смрт, во 1883 година. Фото Фејсбук

Славниот француски писател имал бројни љубовници од кои најпозната е глумицата Жилијет Друе со која бил во вонбрачна врска цели 50 години, со одобрување на неговата сопруга.

Големиот француски писател Виктор Иго своите први песни почнал да ги пишува уште како дете, а до 14-годишна возраст собрал повеќе литературни награди, меѓу кои и наградата од Француската академија. Родителите му биле разведени, растел со мајка му, која многу се надевала во успехот на својот најмлад син. Затоа таа била против неговата љубов кон Аделин Фуше, девојка со скромно потекло.

Аделин, сопругата на Иго, фото Фејсбук

Ниту родителите на Аделин не биле задоволни од Иго, сметајќи дека пишувањето е пропадната работа. Тој имал 17, а таа 16 години кога тајно се свршиле. Една година подоцна се венчале, но нема долго да си останат верни. Аделин набргу ќе се утеши во прегратката на славниот критичар Сент Бев, а Иго во прегратката на младата актерка Жилијет Друе.

Вљубени и љубоморни, тој на нејзиното раскалашно минато, таа пак на неговите еротски излети, често се расправале. И иако секојдневно се гледале, постојано и се допишувале. Жилијет била секогаш подготвена да му помогне на славниот писател, дури и го засолнувала кај себе од неколку скандали.

Трогната од несебичната љубов на Жилијет кон Виктор, Аделин побарала од неа да станат пријателки. И не само пријателки, Жилијет станува дел од нивното семејство. Пред самата смрт Аделин ќе ѝ ги довери на Жилијет и својот сопруг и децата.

Фејсбук

И покрај светлите моменти на успех, Виктор Иго доживеал голема семејна трагедија. Неговата ќерка Леополдина се удавила во бродска несреќа, другата ќерка завршила во лудница, а доживеал и загуба на двата сина. Без сопругата останал во 1868 година, а по преживеаниот мозочен удар, здравјето значително му се влошило. Во тој црн период на загуби, починала и неговата љубовница, Жилијет.

Љубовта меѓу Виктор Иго и актерката Жилијет Друе траела сè до нејзината смрт, во 1883 година. Фото Фејсбук

Во продолжение, прочитајте со каква страст си пишувале Иго и Друе.

Виктор Иго на Жилијет Друе
13 март, 1834.

Полноќта помина, кутар мој ангеле. Работам од осум изутрина и сè уште треба во текот на ноќта да ги прегледам коментарите. Повеќе не се надевам дека ќе те видам вечерва. Очаен сум и со тага помислувам дека си вознемирена и дека ме очекуваш…
Те сакам. Те сакам од дното на душата. Нешто се изместува во мојата утроба кога ќе помислам на тебе. Како да мислам на своите деца. Сирота душо моја, ти ја имаш против себе својата судбина, а за мене ја имаш љубовта.
Ги бакнувам твоите ножиња и твоите крупни очи.
В.

Жилиет Друе на Виктор Иго
18 јули, 1834.

Љубен мој Викторе, денес е твојот празник. Би сакала да можам достојно да ти честитам, подготвувајќи ти убаво изненадување. Но ти знаеш, мој Викторе, дека ние сме богати само во поезија и во љубовта. Тоа богатство, кое е најголем дар на вљубените, не може да се купи кај ниеден продавач…
…Не ти давам ништо, зашто сè е твое.
Наскоро, тука или таму, блиску или далеку, те љубам.
Жилијет

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот