Најбогатата тенисерка во светот за првпат во кариерата ќе игра полуфинале на Австралија опен
Американската тенисерка Џесика Пегула обезбеди пласман во полуфиналето на Австралија опен откако во четвртфиналната пресметка беше подобра од својата сонародничка Аманда Анисимова со 6-2, 7-6 (7-1). Дуeлот траеше еден час и 35 минути, а за Пегула ова е историски момент, прво полуфинале во кариерата на првиот грен-слем во сезоната.
Препорачано
Пегула, која важи и за најбогатта помеѓу тенисерките, професионалка од 2009 година и ќерка на американскиот милијардер Тери Пегула. Тој се наоѓа меѓу 500-те најбогати луѓе во светот, со проценето богатство од околу 6,8 милијарди долари, стекнато главно преку бизниси со недвижности и природен гас.
Тери Пегула е познат и како сопственик на НФЛ франшизата Бафало Билс, која ја купи во 2014 година за 1,4 милијарди долари, надминувајќи ја тогаш конкуренцијата на познати имиња како Доналд Трамп и Бон Џови. Покрај тоа, семејството Пегула од 2011 година е сопственик и на НХЛ клубот Бафало Сејбрес, за кој беа издвоени 189 милиони долари, по што постепено се повлекоа од најголемиот дел од нафтено-гасниот бизнис.
Во полуфиналето на Австралија опен, Пегула ќе се соочи со Елена Рибакина, која во четвртфиналето приреди изненадување елиминирајќи ја Ига Швјонтек, со 7-5, 6-1.
Во другото полуфинале силите ќе ги одмерат Белорусинката Арина Сабаленка и Украинката Елина Свитолина.


