Наградената поема „Денес“ на Славе Ѓорѓо Димоски има доследно осмислено и кохерентно поетско пеење

Славе Ѓорѓо Димоски / Фотографија: Бобан Стојаноски

Наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2023 година ја доби поетот Славе Ѓорѓо Димоски за поетското дело со наслов „Денес“, а повелбата му беше врачена на 5 февруари на свеченост во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

Поетската манифестација „Прличеви беседи“ се одржува во чест на ликот и делото на великиот поет и преродбеник Григор Прличев. Традиционалното чествување и годинава се одржа на неколку локации во Охрид, а наградата „Григор Прличев“ на годинашниот лауреат Славе Ѓорѓо Димоски му беше врачена на свеченост во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

– Наградата што го носи името на Григор Прличев е за мене исклучително значајна, бидејќи моето литературно зреење е врзано за Прличев. Уште како ученик од четврто, петто одделение ја прочитав неговата „Автобиографија“ и оттогаш сум цврсто врзан за и со Прличев. Темата „Прличев“ ја имам обработувано и во неколку песни од постарите книги, а сум направил превод и адаптација на двете автобиографски дела, „Автобиографија“ и „Мечта на еден старец“ од нивните првообјави. Но, задоволството да биде уште поголемо го наведувам и фактот дека не врзува исто поднебје во кое сме родени, растени и книжевно издигнувани – охридското, кое својата фасцинација ја прелева во различни нијанси на духовен восхит. Со воспоставување награда со името „Григор Прличев“, се оддава висока почит на најталентираниот, но и најтрагичен лик во македонската литература, чиј талент мислам не е достигнат до денес – истакнува поетот Славе Ѓорѓо Димоски.

Наградената поема „Денес“ ја обработува денешната ситуација, сето она што се случува кај нас, во нашата земја и надвор. Тоа е поема во која се трага по личен, човечки, државен идентитет… Дејството во самата поема е ставено во временска рамка од шест месеци и се случува во 2022 година.

– Поемата „Денес“ уште на стартот се издвои по својот урбан, современ пристап и тематика, како концепциски доследно осмислено и кохерентно поставено пеење. Поемата нуди своевиден пресек на актуелните состојби во светот, со приемчиво обликувана експресија, на места и со признаци на духовит квалитет, што е прилично редок и неочекуван во науката. Поемата остварува драгоцени проникнувања и созвучја со современоста, дискретно актуализирајќи повеќе топоси, како постхуманизмот, миграциите, епидемиите и тековните војни на екраните. Композициски поемата содржи три дела секој составен од три пеења, проникнати со фино дозирани наративни секвенци и јасна нишка на приказната. Поемата „Денес“ заедно со сите досега наградени поеми рамносилно се вградува во одржувањето на Прличевиот дух во нашата современа поетска продукција, сега и во иднина – стои во образложението за наградата.

Фотографија: Бобан Стојаноски

Одлуката за доделување на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2023 година едногласно ја донесе комисија во состав Милован Стефановски – претседател и Елизабета Шелева и Иван Додовски – членови.

Од вкупно седум ракописи, кои беа анонимно пријавени на конкурсот, комисијата ги издвои во потесен круг поемите: „Денес“ (пријавена под шифра „Сенед“), „Одблесок“ (пријавена под шифра „Еригон“) и „Армагедон – големиот суден ден“ (пријавена под шифра „Валтер“).

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 217, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11.02.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот