Филмот „М“ на Вардан Тозија награден во Њујорк

Награда за најдобар филм за филмот „М” на Вардан Тозија на фестивал во Њујорк

Филмот „М“ на Вардан Тозија ја доби наградата за најдобар филм на њујоршкото издание на фестивалот „Dances with films“.

– Воодушевен сум што ја примам наградата за најдобар филм на годинешното издание на „Dances with films“ во Њујорк. Претставуваше голема чест и уникатно искуство да се биде дел од официјалната селекција на овој исклучителен фестивал, со креативни и бескомпромисни филмски автори, на настан што прерасна во двигател на американскиот и интернационален филмски дух – вели режисерот Вардан Тозија, кој во Њујорк лично ја прими наградата.

Македонскиот фим „М” на овој фестивал ја имаше американската премиера.

Според USA Today, фестивалот се вбројува меѓу „десетте најзначајни филмски настани на северноамериканскиот континент“, според Си-Ен-Ен важи за „лидер во позиционирање на свежи и нови таленти на филмската индустрија“, додека Indiewire го препознава како „нашироко признаен поради откривањето на иновативниот дух и талент во независната кинематографија“.

– Уникатно воден филм со динамичен емотивен импакт, „М“ е спектакуларно достигнување во меѓународната филмска соработка – стои во официјалното образложение на Фестивалот.

Приказната на Тозија за осамено момче од шумата кое наидува на низа предизвици и авантури барајќи ја својата самовила, токму во официјалната селекција на овој фестивал ја претстави македонската кинематографија пред американската публика.

По премиерата се одржаа дискусии меѓу режисерот и членови на индустријата, како и разговори со публиката.

Светските права за дистрибуција на македонскиот филм „М“ ги поседува американската компанија OneTwoThreeMedia.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот