„На точак“: Се штеди секој сантиметар за пешачење и возење велосипед

Од здружението тврдат дека велопатеките на новиот булевар „АСНОМ“ се претесни за велосипедистите и сметаат дека велосипедските патеки не се сфаќаат како суштински дел од решението што ќе го смени сообраќајниот концепт во градот, туку се само декор и изговор за да се каже дека се мисли и на велосипедистите.

Градовите во светот за време на пандемија прошируваат пешачки и велосипедски патеки, а Град Скопје ја користи можноста да ги изведе најтесните и најнеудобни велосипедски патеки, реагираат од здружението „На точак“ на својата фејсбук-страница, посочувајќи дека на новиот булевар „АСНОМ“ се изведени многу тесни патеки за велосипедистите.

Оттаму прашуваат како овој булевар ги рефлектира новите сознанија за значењето на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај и нивниот рамноправен третман во целокупниот сообраќај кога, според нив, е полош од старите булевари од 70-тите.

Неодамна од Град Скопје информираа дека почнува финалното асфалтирање на булеварот „АСНОМ“ што има по три коловозни ленти во двете насоки, средишно зеленило, пешачки и велосипедски патеки. Токму на ова реагираат од здружението на велосипедистите.

– Три широки коловозни ленти наспроти кутриот оставен простор за велосипеди во кој не можеш да се престигнеш, а камоли да возиш еден покрај друг. Средишно зеленило што никому не служи, а нема изолација на велосипедистите со зеленило од моторниот сообраќај?! Секогаш има место и за цела лента плус за колите, а секој сантиметар за пешачење и возење велосипед се штеди. Автоцентричните проекти продолжуваат – велат од „На точак“ и додаваат дека велосипедските патеки не се сфаќаат како суштински дел од решението што ќе го смени сообраќајниот концепт во градот, туку се само декор и изговор за да се каже дека се мисли и на велосипедистите.

Во однос на новиот булевар „АСНОМ“, од Градот тврдат дека од двете страни на коловозот, по целата негова должина се изведени велосипедски патеки со ширина од по два метра. Оттаму објаснуваат дека постојано работат на подобрување на условите за користење велосипед преку инвестирање во реконструкција на постојната и изградба на нова вело-инфраструктура и дека е практика при секоја поголема реконструкција на улиците и булеварите, да се прават и нови велопатеки онаму каде што ги нема или да се реконструира постојните.

– Навистина е тешко да се даде целосна бројка и статистика за должината за реконструираните велосипедски патеки, бидејќи се менуваат со секој нов проект. Во 2018 година Град Скопје изгради и реконструира 14,6 километри велосипедски и пешачко-велосипедски патеки во вредност од 56,5 милиони денари, додека во 2019 година 16 километри – потсетуваат од Градот.

Годинава досега се работеше на повеќе локации. Нови патеки, според градската власт, се изградени на булеварот „Александар Македонски“, од клучката Естекада до улицата „Благоја Стефковски“, потоа на потегот од крстосницата кај улиците „15. Корпус“ и „Методија Андонов – Ченто“ до крстосницата со улицата „Петре Филиповски – Гарката“ и свртувањето кон улицата „Перо Наков“. Нова велосипедска патека се направи на „Пластичарска“, на булевар „Киро Глигоров“, наспроти објектот на главната Пошта и на многу други локации.

– Изминативе неколку години Градот Скопје и ЈП „Улици и патишта“ работат на ослободување на просторот и пешачките и велосипедските патеки од непрописно паркираните возила, каде што изминативе две години се поставени повеќе од  5.000 заштитни столпчиња и ослободена е вкупна површина во должина од повеќе од 8 километри – велат од Град Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот