Пулмолози ќе ги прегледуваат жителите на Трубарево, да се пријават оние со потешкотии во дишењето
Министерството за здравство, во соработка со Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија, организира дводневен преглед на жителите на Трубарево, што ќе се одржи на 24 и 25 септември. Министерот за здравство Азир Алиу ги повика жителите да се пријават на скринингот.
Препорачано
– Скринингот ќе го вршат две екипи од Клиника за пулмологија со две амбулантни возила. Прегледите се наменети за сите заинтересирани од Трубарево и од околните населени места, а особено за лицата кои чувствуваат потешкотии при дишењето или имаат симптоми кои укажуваат на заболувања на дишните патишта – изјави за МИА министерот Азир Алиу.
Предвидено е прегледот да опфати: комплетен клинички преглед, спирометрија, ЕКГ и други потребни прегледи.
– Нашата цел е да обезбедиме врвна здравствена грижа за сите граѓани. Доколку се појави потреба од дополнителни испитувања, тие ќе бидат извршени на лице место или пациентите ќе бидат упатени на Клиниката за пулмологија – додаде Алиу.
Со оваа акција, како што посочи министерот, ќе може на време да се детектираат евентуални симптоми кај населението и да се обезбеди потребната здравствена заштита.


