Изет Меџити и Фатмир Лимани / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

„На избори нема да одиме заедно“ – Министерот Фатмир Лимани заминува од Вреди

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, соопшти дека повеќе не е дел од Вреди и дека на следните избори нема да настапува со коалицијата, откако негова објава на социјалните мрежи отвори нови тензии во албанскиот политички блок.

Објавата на Лимани на социјалните мрежи доаѓа по најавата на премиерот Христијан Мицкоски за можни скорешни избори.

Лимани сподели објава од профилот „Захир Пајазити“, со фотографија од премиерот и порака дека избори ќе има наскоро, додавајќи во описот: „Со Фатмир Лимани сакавте војна, сега покажете колку вредите!“

Осврнувајќи се на објавата во денешната изјава, Лимани појасни дека станува збор за споделување содржина со која ја потврдил својата позиција за избори.

„Тоа беше реобјава од еден портал кој го објавил тоа, јас само потврдив дека сум за предвремени избори. Сите сме за предвремени избори, освен Вреди“, изјави Лимани.

Тој денеска изјави дека повеќе не е дел од коалицијата Вреди, нагласувајќи дека на следните избори нема да настапува во рамки на оваа коалиција.

„Јас и Вреди одамна завршивме“, изјави Лимани, алудирајќи на прекинот на соработката со коалицијата на албанските партии, каде претходно беше вклучен преку Движењето Беса, предводено од Билал Касами.

Овој чекор доаѓа по несогласувања со раководството на Вреди

На прашањето дали моментално делува како министер од редовите на Вреди или на ВМРО-ДПМНЕ, Лимани посочи дека ја извршува функцијата во интерес на сите граѓани.

„Јас сум министер на сите граѓани на оваа земја и ќе се обидам да им помогнам во сите аспекти што ми ги дозволува Министерството за социјална политика“, рече Лимани.

Тој истакна дека поддржува одржување предвремени парламентарни избори, оценувајќи дека нивното побрзо организирање би било од корист и за државата и за економскиот развој, како и за внатрешно реструктурирање на политичките субјекти, вклучително и Вреди.

Фатмир Лимани одговори на прашањето од Вреди – што барал на маса со Али Ахмети на ифтар?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот