На денешен ден е родена Стојна Костовска, една од највпечатливите фигури на македонскиот театар и телевизија
На денешен ден, 31 март, во Крива Паланка е родена една од најпознатите македонски актерки, Стојна Костовска. Со својата непосредност, ведар дух и извонреден талент, таа веќе со децении е едно од омилени лица на македонскиот театар и телевизија.
Препорачано
Својата професионална кариера ја започнува веднаш по дипломирањето на отсекот за актерска игра во Скопје во 1978 година. Набрзо потоа, во 1980 година, станува дел од ансамблот на Македонскиот народен театар, каде што останува сè до нејзиното пензионирање во 2022 година. Низ годините, на штиците што живот значат, Стојна оживеа безброј ликови, покажувајќи дека подеднакво вешто владее и со комедијата и со драмата.
Широката јавност најдобро ја познава по нејзините незаборавни улоги во култните „Македонски народни приказни“, каде што стана заштитно лице на македонската традиција. Нејзиниот глас и појава се синоним за хуморот во легендарната емисија „Хихирику“, а помладите генерации денес ја препознаваат како тетка Ленче во „Дајте музика“ и по нејзините гостувања во хит-серијата „Преспав“.
За својот голем придонес во уметноста, Стојна Костовска е добитник на бројни награди и признанија. Меѓу нив се издвојува наградата за најдобра женска улога за ликот на Стојанка во претставата „Чорбаџи Теодос“, наградата за ТВ лице на годината, како и престижната награда за животно дело во областа на комедијата „Васил Иљоски“.


