Стојна и Зоран Костовски - Фото: Приватна Архива

Љубовната приказна на Стојна и Зоран Костовски: Баба Фима ни ја најави вечноста, Петре Прличко нè благослови со прстен од тенекија

Една од најистакнатите македонски актерки Стојна Костовска, во разговор за „Слободен печат“ токму на денот на нивната годишнина, се присети на љубовната приказна со својот сопруг, камерманот Зоран Костовски, што започнала сосема неочекувано, во текот на снимањето на серијата „Курирот на Гоце“ во Берово, во 1978 година.

Костовска раскажува дека тогаш биле на гости кај 85-годишната баба Фима Поп Ефтимова, која инсистирала да ѝ погледне во филџанот со кафе.

– Пу, да не пукнеш колку си убава, дај да ти гледам на кафе, а јас ѝ велам: „Баба Фима, не верувам во тие работи, немој, те молам“. А, таа го зеде филџанот, го врти, ме гледа мене, па го гледа Зоки, па пак во филџанот и ми вели: „Овој човек што седи до тебе ќе ти биде вечен сопатник!“ Јас почнав да се смеам и ѝ велам: „Баба Фима, ние сме другари, колеги сме, работиме заедно, еден месец сме на терен“. А, таа само ме погледна и ми рече: „Жива да си, ќе видиш дека ќе биде така“.

Стојна признава дека тогаш не можела ни да замисли дека зборовите ќе се остварат.

– Го гледав Зоки и си велев: „Леле, зарем овој човек ќе ми биде сопруг?“ Не можев да поверувам. Бев млада, студентка на четврта година, животот беше пред мене.

Стојна и Зоран Костовски – Фото: Приватна Архива

Меѓутоа, додека сè уште биле во Берово, почнале да се зближуваат. Не било сѐ совршено и без препреки. Таа вели дека дел од екипата не гледала благонаклоно на нивната блискост.

– Измислуваа дека не сум подготвена, дека не го знам текстот. А јас прва бев на сет, со научен текст, го знаев како „Оче наш“. Се снимаше на лента, тоа беше скапо, немаше како денес – снимај, па бриши. Зоран секогаш ми велеше: „Никогаш немој камера да се врати поради тебе. Ќе бидеш спремна, па што сака нека биде.“ И јас тоа го почитував.

На Стојна особено ѝ останала во сеќавање сцената во која требало да заплаче.

– Ми приоѓа Зоран и ми вели: „Затвори ги очите, замисли нешто тажно и кога ќе кажам акција, само отвори ги.“ Јас го послушав. Кога ги отворив очите, солзите сами тргнаа. Режисерот беше воодушевен, а јас само го погледнав Зоран и му се насмевнав со очите. Тој беше мојата поддршка уште тогаш.

Стојна Костовска – Фото: Приватна Архива

Најемотивниот момент се случил на Петровден, кога колегите, меѓу кои и актерите Драги Костовски и легендарниот Петре Прличко, во ресторанот во кој ручале им приредиле импровизирана свршувачка пред целата екипа.

– Драги стана и рече: „Вечерва имаме свршувачка, Стојна Заевска и Зоран Костовски!“ Јас бев во шок! Велам, каква свршувачка по еден месец, а сè уште само за раце се држиме?! А, тие веќе прстенче донеле, од тенекија, кое го направиле Драги Костовски и Дарко Дамевски! Ништо посебно, обично тенекија, ама за мене беше најскапо на свет.

За кум се пријавил токму Прличко, понуда што не можеле да ја одбијат.

– Штом е Петре кум, прифаќаме! Направивме таква забава што никогаш нема да ја заборавам. Тоа беше првата моја „веридба“ со Зоран.

Иако тогаш сè изгледало како шега, времето покажало дека баба Фима била во право.

– Еве денес имам 70 години и навистина така излезе. Тој човек ми стана вечен сопатник – вели Костовска, која отворено зборува и за семејниот однос, признавајќи дека како и секој брак и нивниот минувал низ кризи.

– Да, доаѓаше до криза. До сериозна криза. Имаше расправии, несогласувања, како кај секој нормален брак. Но, јас никогаш не сум дозволила ниту да помислам на развод. Зоран е дете на разведени родители и знам колку страдаше. Детето не е парче леб, па сега ќе го скршиме, половина тебе, половина мене. Не можев тоа да го дозволам.

Стојна и Зоран Костовски – Фото: Приватна Архива

Таа нагласува дека немало неверство, туку само животни предизвици.

– Не било толку страшно за да речам „крај“ или тој да каже „крај“. Секогаш седнувавме, разговаравме и одевме понатаму.

На прашањето кој го има последниот збор во домот, Стојна одговори со смеење.

– Мислам дека доминантна бев јас. Зоран знаеше многу да ме послуша. Кога правевме куќа, тој велеше: „Светот ќе го шетаме, каква куќа“, а јас: „Не, куќа ќе правиме!“ Јас собирав материјал, јас најдов мајстори, јас плаќав.

Стојна Костовска – Фото: Приватна Архива

Љубомората, вели, отсекогаш постоела, но „онаа слатката“.

– Јас сум Овен, а сопругот е Лав. А, Лав многу сака да го галиш, сака да биде центар, но само дома! Сакаше секогаш да му бидам дотерана, секогаш кога излегувавме ,беше горд на мене. И јас знаев да бидам остра: „Што е ова сега, Лав мислиш дека треба да те галам? Кој мене ме гали?“ (се смее) Никогаш нема да ги заборавам 100-те ружи што ми ги донесе во голема корпа на мојата прва премиера во Македонскиот народен театар, тој дури подигнал кредит за сите тие рози, а јас една по една им ги раздадов на моите колеги.

Со Зоран го имаат синот Иван, кој, како што вели, е центарот на нивниот свет. А, за младите денес има едноставна порака:

– За одржлив брак треба разбирање, трпение и многу љубов. Ништо не паѓа од небо. И топол оброк и топла постела, и да знаеш дека дома имаш човек што те чека, тоа е суштината.

Стојна Костовска – Фото: Приватна Архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот