На денешен ден – 29 јануари

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

1573.- Под водство на Матија Губец, во Хрватска избувна Селанската буна против неподносливите услови за живот што ги наметнаа австриските и унгарските феудалци. Тоа беше една од најголемите селански буни во Европа во тоа време. Востанието беше крваво задушено, а Матија Губец беше погубен во Загреб, на 15 февруари 1573 година. Хрватскиот писател Август Шеноа по тој повод го напиша романот “Селанска буна”.

1595.- Во Лондон умре Франсис Дрејк, англиски гусар, морепловец и адмирал, прв Англичанец кој го преплови светот. Неговите потфати имаа големо значење за англиското колонијално ширење, особено во Северна Америка. Роден е во 1540 година.

1635.- Ришељ ја основа „Француската академија“ (подоцна Институт), додека француската „Академија на науките“ ја основа Луј Четиринаесетти во 1666 година по сугестија на Жан Батиста Колбер.

1676.- Фјордор Трети Романов стана цар на Русија по смртта на Алексеј, неговиот татко. На престолот беше до 1682 година, кога го наследни полубратот Петар Велики. Поради честите болести  на малолетниот Петар со земјата управуваа неговите вујковци Милославски. Во текот на неговото владеење Русија ја зацврсти власта на огромните новоосвоени територии во Поволожје, Сибир и во Украина.

1688.- Роден е шведскиот мистик, филозоф и истражувач Емануел Сведенборг, автор на специфичното мистичко-теозофско учење. За неговите визии пишуваше Имануел Канд во написот „Соништа на еден духовник“. Неговите дела се многу читани и денеска. Дела: „Opera philosophica et mineralia“, „Arcana coesestica“, „De nova Hierosolyma“.

1782.- Роден е францускиот композитор Даниел Франсоа Еспри Обер. Дела: оперите „Fra Diavolo“, „Црно домино“, „Блудниот син“.

1843.- Роден е американскиот државник Вилијам Мекинли, кој беше претседател на САД од 1897 до 1901 година. На Шпанија и објави војна во 1898 година, за да ги одземе од неа Филипините, Порторико, Гуам и Куба, започнувајќи ја така ерата на отворен американски империјализам. Заедно со европските сили, учествуваше во гаснењето на антиколонијалното востание во Кина (од 1899 до 1901 година) познато како „Боксерско востание“ со цел да се наметне режимот на слободната трговија и непречен проток на американскиот капитал во Кина. Во атентат беше убиен во 1901 година.

1856.- Востановен е „Викторијанскиот крст“, највисоко британско воено одликување.

1860.- Во Таганрог е роден Антон Павловиќ Чехов, руски новелист, раскажувач и драмски писател. Изврши големо влијание врз развојот на новелистиката и драмската книжевност во светот. Во своите новели даде голем број карактеристики на руското секојдневие и цела галерија промашени, несреќни и несфатливи луѓе. Најпознати дела му се драмите “Галеб”, “Три сестри”, “Вујко Вања” и “Вишновата градина”, како и збирките раскази “Човекот во футрола”, “Куќа на кат”, “Селани” и други. Умре во Баденвалер, во Германија на 15 јули 1904 година.

1866.- Роден е Ромен Ролан, француски раскажувач, романсиер, драматург, музиколог и борец за мир и демократија. Познати се неговите дела “Жан Кристоф”, “Кола Брењон”, “Маѓепсана душа”, “Четиринаесетти јули”, “Дантон”, потоа делата за животот на Бетовен, на Микеланџело и на Толстој. Во 1915 година ја доби Нобеловата награда за литература. Умре на 30 декември 1894 година.

1884.- Роден е Огист Пикар, познат швајцарски физичар. Ги проучуваше радиоактивноста, атмосферскиот електрицитет и космичките летала. Се занимаваше и со испитување на стратосферата и големите морски длабочини. Тој изврши прв лет во стратосферата во 1931 година, достигнувајќи височина од 15.780 метри, а во 1932 година и 16.370 метри. Со батискаф се спушти и до 4.000 метри океанска длабочина. Умре во 1962 година.

1886.- Карл Бенц ги прикажа своите „кочии без коњ“. Неговата моторизирана кочија го означи почетокот на автомобилската индустрија која набрзо го освои светот.

1896.- Американскиот лекар Емил Граб прв ја употреби терапијата со зрачење во лекувањето на ракот на белите дробови, применувајќи ја во Чикаго врз пациентката Роуз Ли.

1899.- Умре францускиот сликар од англиско потеколо Алфред Сисле, еден од основачите на импресионизмот. Сликаше исклучиво пејзажи. Посебно го привлекуваше сликањето на реки, при што најмногу ги изразуваше светлосните ефекти.

1916.- Германците во Првата светска војна првпат од цепелин го бомбардираа Париз.

1916.- Британската армија во Првата светска војна првпат ги тестираше тенковите во местото Хетфилд во Англија.

1941.- Умре грчкиот генарал и државник Јоанс Метаксас, кој како претседател на владата и министер за војска во 1936 година го распушти парламентот и воспостави лична диктатура. Учествуваше во војната против Туците во 1897 година и во Балканските војни во 1912 и 1913 година. Во Втората светска војна во октомври 1940 година го одби улиматумот од Италија организирајќи решавачки отпор кон италијанската агресија.

1942.- Советскиот Сојуз, Велика Британија и Иран договорија во Втората светска војна британско-советските сили да го напуштат Иран шест месеци по завршувањето на борбата против силите на Оската, а Техеран им дозволи на Москва и Лондон неограничена употреба, контрола и одржување на сите комуникации, аеродроми и пристаништа на иранска тетиторија.

1942.- Перу и Боливија со потпишувањето на протоколот во Рио де Женеиро ја окончаа војната започната во 1941 година, поради спорните погранични територии меѓу двете земји и подрачјето на амазонската џунгла.

1949.- Велика Британија го призна Израел.

1950.- Почна првата серија на побуни во Јоханесбург, предизвикна од расистичката политика на владата на Јужна Африка.

1950.- Во Скопје е формиран Сојузот на филателистите на Македонија.

1963.- Францускиот претседател Шарл де Гол стави вето на приемот на Велика Британија во Европската економска заедница.

1963.- Умре американскиот писател Роберт Ли Фрост, четирикратен добитник на Пулицеровата награда за поезија. Дела: збирка песни „Северно од Бостон“, „Потокот што тече на Запад“, „Собрани песни“.

1964.- Панама и упати жалба на Организацијата на американските држави заради агресијата на САД, барајќи свој суверенитет во зоната на Панамскиот канал.

1973.- Во Адис Абеба почна заседанието на Советот за безбедност на ООН, прво заседание на овој орган на ООН на африканскиот континент.

1989.- По седумгодишното недоразбирање и меѓународна арбитража, Израел на Египет му го врати градот Табу на Црвеното Море. Овој град Израел го држеше од војната во 1967 година, во која ги победи сите арапски земји.

1992.- Во Скопје умре Иван Дојчинов, борец во Шпанската граѓанска војна, учесник на Првото заседание на АСНОМ, член на Главниот штаб на НОВ на Македонија и носител на “Партизанска споменица 1941”.

1994.- Австралијанката Улрике Мајер, двократна светска првенка во скијање, умре од здобиените повреди при падот во натпреварот во спуст за Светскиот куп.

1996.- Венецијанската оперска куќа „Ла Фениче“ исчезна во пожар, вторпат во текот на нејзиното 204-годишно постоење.

1999.- Во Скопје умре Тодор Николовски, македонски драмски и филмски актер, режисер, еден од основачите на современото македонско глумиште. Роден е во Велес, на 16 јануари 1902 година.

2005.- Умре израелскиот писател, сатиричар, сценарист и режисер Ефраим Кишон. Дела: „Не е фер Давиде“, „Уште малку па вистината“, „Лисица во кокошарник“, „Дома е најлошо“, „Јаболката е виновна за се“. Филмови: „Салах Шабати“, „Блаумилхов канал“.

2005.- Умре режисерот и сценарист Живорад Жика Митровиќ. Филмови: „Ешалонот на д-р М“, „Капетан Леши“, „Марш на Дрина“, „Ужичка република“, „Мис Стон“, „Сигнали над градот“, „Солунски атентатори“, „Невесинска пушка“, „Тимочка буна“.

2006.- Умре јужнокорејскиот уметник Нам Џун Пајк, пионер на видео уметноста во шеесетите години од минатиот век.

2012.- На 93-годишна возраст умре поранешниот италијански претседател Оскар Луиџи Скалфаро. Скалфаро функцијата претседател на Италија ја извршуваше во периодот од 1992 до 1999 година. Скалфаро е роден во 1918 година, а во политиката влезе во 1946 година, кога е избран за член на парламентот. Тој беше еден од ретките политичари во Италија, кој ги обавувал сите три највисоки функции во земјата: шеф на државата, претседател на Сенатот и претседател на Долниот дом на Парламентот. Скалфаро ја извршуваше и функцијата министер за внатрешни работи во 80-те години од минатиот век.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот