Кој бил Роберт Опенхајмер, „таткото“ на атомската бомба: „Јас станувам Смрт, уништувач на светови“

Фото: Profimedia

Во светот на филмската индустрија изминатата година само розовиот тајфун наречен „Барби“ успеа да привлече поголемо внимание од ремек-делото за „таткото“ на атомската бомба на режисерот Кристофер Нолан, пишува српски „Јуроњус“.

Филмот „Опенхајмер“ е заснован на книгата „Американски Прометеј: Триумфот и трагедијата на Џ. Роберт Опхајмер“, која ја доби Пулицеровата награда, напишана од Каи Берд и покојниот Мартин Џеј Шервин.

Но, кој е навистина Роберт Опенхајмер?

Роберт Опенхајмер е роден во Њујорк на 22 април 1904 година. Неговите родители биле Евреи, по потекло од Германија, кои емигрирале во Америка на крајот на 19 век. Семејството стекнало големо богатство во Њујорк, па на младиот Роберт му била дадена можност да студира хемија на Харвард.

Роберт Опенхајмер Фото: Everett / Profimedia

Подоцна, тој почнува да се фокусира на физиката и по додипломските студии, го продолжува своето образование на Кембриџ и Универзитетот во Гетинген во Германија. Тој бил ученик на Макс Борн, еден од клучните физичари во областа на квантната механика и пријател на големи имиња како Вернер Хајзенберг, Волфганг Паули и Пол Дирак.

Докторирал во Гетинген во 1927 година, кога имал само 23 години. По студиите, тој станува успешен физичар, кој работел на многу универзитети во Европа и Америка заедно со големи имиња во областа на физиката, како Алберт Ајнштајн.

Во 1930-тите, Опенхајмер станува свесен за заканата од нацистичка Германија, а по 1934 година,  издвоил три проценти од својата плата за да им помогне на германските физичари да ја напуштат земјата. Бил поврзан и со комунистички мислители, поради што имал досие до Федералното истражно биро на САД.

Роберт Опенхајмер Фото: Photo 12 / Alamy / Alamy / Profimedia

Најзначајниот период во неговиот живот започнал на 9 октомври 1941 година, кога тогашниот претседател Френклин Д. Рузвелт ја започнал програмата за развој на атомска бомба, два месеци пред САД да влезе во Втората светска војна. Во септември следната година, Опенхајмер се приклучил на таканаречениот проект „Менхетен“ и се нашол на чело на тимот научници кои ја развивале атомската бомба во Лос Аламос.

Првата нуклеарна експлозија се случила на 16 јули 1945 година, во која тој го дал името „Тринити“ односно „Троица“, по стих од санскритскиот текст „Багавад Гита“ со кој всушност бил опседнат.

Бил заинтригиран од мистицизмот и читал древни индиски текстови, па од истиот извор е преземена и неговата позната изјава „Јас станувам Смрт, уништувач на световите“.

Алберт Ајнштајн и Роберт Опенхајмер Фото: akg-images / akg-images / Profimedia

Опенхајмер набрзо станал свесен за сериозноста на она што го создал. Само еден месец подоцна, атомски бомби биле фрлени врз јапонските градови Хирошима и Нагасаки, при што загинале меѓу 129.000 и 226.000 луѓе. Овој трагичен историски настан го направил познат ширум светот, а бил интервјуиран и за магазинот „Life“.

Тој продолжил да работи како консултант на американската влада за нуклеарно оружје, но постојано предупредувал за нивната разорна моќ. Во еден говор од 1953 година, ги споредил нуклеарните способности на САД и Советскиот Сојуз како „две скорпии во шише, од кои секоја може да ја убие другата по цена на својот живот“.

По тој говор, администраторот на Комисијата за атомска енергија Луи Штраус му рекол на Опенхајмер дека му е одземено безбедносното одобрение и му побарал оставка.

Научникот го одбил ова барање и инсистирал да се брани, но на јавната расправа го изгубил случајот и доживеал големо понижување. Многу извори наведуваат дека тој никогаш не се опоравил од овој инцидент.

Роберт Опенхајмер Фото: akg-images / akg-images / Profimedia

Подоцна имало обиди да му се врати изгубеното достоинство, а во 1963 година Линдон Б. Џонсон му ја доделил наградата „Енрико Ферми“, највисоката научна награда што ја доделува американскиот претседател. Опенхајмер, кој бил страствен пушач, починал од рак на грлото во својот дом во Принстон во февруари 1967 година.

Инаку, улогата на Опенхајмер во истоимениот филм, му беше доверена на ирскиот актер Килијан Марфи, кој подготвувајќи се за оваа голема задача, ги прескокнувал оброците и јадел само еден бадем на ден, за да ослабе и повеќе да личи на научникот кој живеел од алкохол и цигари.

Килијан Марфи Фото: LANDMARK MEDIA / Alamy / Alamy / Profimedia

Во едно од интервјуата Марфи го нарече научникот „контрадикторен“ и „комплексен“.

„Мислам дека верувал дека тоа ќе биде оружјето што ќе стави крај на сите војни. Мислел дека поседувањето на бомбата ќе ги мотивира земјите да воспостават некаков вид нуклеарно управување со светот. Бил наивен“, рекол актерот.

Килијан Марфи Фото: UNIVERSAL / Planet / Profimedia

 

Филмот што сите го чекаат: Килијан Марфи јадел по еден бадем дневно за да биде поубедлив Опенхајмер

„Barbie“ руши рекорди: Заработи 155 милиони долари, двојно повеќе од 80-те милиони на „Oppenheimer“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот